Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Дури и најголемите поддржувачи на Путин, кои слепо веруваа во него и на различни начини со најразлични мотиви го овозможуваа неговото тоталитарно владеење, се згрозени од неговите злосторства.
Генерали, бизнисмени, новинари, политичари, интелектуалци, уметници, граѓанки и граѓани од најразлични патеки на животот и професијата, занемеа пред вестите за систематско уништување на цивилни цели. Сè понеизвесна е судбината на „царот“ во Кремљ. Тој е опкружен со тишината на оние што не сакаат да имаат повеќе ништо со овој злосторник.
Како во најмрачните времиња на сталинизмот, тој по најмалку еднаш во денот носи одлуки со кои некој е сменет, оддалечен или ставен во притвор. Се започна со крајот на првата недела од агресијата кога стана јасно дека „блицкригот“ не успеа. Украинките и Украинците херојски застанаа во одбрана на својот домашен праг против неспоредливо посилниот агресор.
Колку и да се труди, Путин, кого руската продемократска јавност го нарече Путлер уште првиот ден од инвазијата, не може да ги прикрие крвавите траги од своето злосторство – нападот со најтешкото замисливо оружје против деца, трудници, жени, стари луѓе. Невооружени цивили кои се кријат во импровизираните скривници гинат секој ден и секој час.
Путин е соочен со повеќе фронтови од кои на два бележи погубни порази. Едниот е на фронтовите во Украина во кои, наспроти варварските крвави напади врз жени и деца, неговата воена машинерија не бележи напредок. Вториот е фронтот со неговите довчерашни поддржувачи кои не сакаат да го споделат историскиот срам, но и одговорноста за бруталноста на агресијата врз Украина во која една четвртина од населението има роднински врски со луѓето во Русија.
Нема човек што не може, ако сака, да го пробие информативниот мрак со кој Путин ја обвитка Русија. Информациите може да се блокираат и кријат, но во денешно време тие успеваат да се протнат и низ најцврстите бариери. Човек треба само да посака и ќе добие информации за тоа што навистина се случува. Тоа не е лесно денес во Русија, но не е невозможно. И паѓа густата димна завеса од лаги. Дури и оние со заробена или помрачена свест не останаа рамнодушни на неизмерното страдање на недолжни луѓе во ним блиската Украина. И се откажуваат од поддршката на злосторникот во Кремљ.
Сè уште не е измислена таква пропаганда што може да го придуши плачот на илјадниците сирачиња кои талкаат на двете страни од украинските граници, крикот на мајките чии деца искрвавија во нивните прегратки, додека над нивните домови паѓа дожд од бомби и ракети.
На Путин му се одбројани деновите. Него сега го штитат само закоравените кучиња на војната, екипа со злосторнички ум ист како неговиот. Но далеку побројни се оние што сакаат да ја видат Русија назад на мапата на светот. Русите кои имаат барем малку достоинство и хуманост во себе, не сакаат ништо друго освен Путин да си оди и да се соочи со одговорноста за бруталната агресија. Тие сакаат да ја видат развиена и слободна Русија во која животот и достоинството на луѓето имаат непроценлива вредност. Некои сакаат да го видат и мртов. Но извесно е дека не сакаат да чекаат историјата да му пресуди на Путин, а со тоа и на цела Русија, туку сакаат да го видат на обвинителната клупа и него и неговата клика.
Моќна е таа енергија на луѓето што сакаат да го видат крајот на војната што поскоро. И тие знаат. Решението е да се сопре Путин, да биде уапсен за злосторствата против украинската, но и против руската нација. Илузиите се растурени во илјадници парчиња. Јасно е: Путин е злосторник и непријател, не само на Украина, не само на Западот, туку и на Русија. Сега останува изборот: или Путин ќе ѝ пресуди на Русија или таа нему.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.
Прочитајте и: