Конкретен дијалог и конкретни чекори за решавање на спорот со Бугарија се очекуваат наредниве две недели, како и одржување на втората меѓувладина седница до крајот на овој месец. Ова го најави вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој меѓудругото порача дека ова лето Северна Македонија ќе ги чека Бугарија и Европската Унија да го преземат вистинскиот чекор во однос на земјава, а доколку тоа не се случи, тој смета дека треба да се повлече линија.
– Мислам дека веќе е доста. До јуни, да не се врзам со месеци, до лето, мислам дека треба да продолжиме со максимални напори како ова да успее. Сметам дека е важно и опозицијата да го сфати моментот. Да продолжиме конструктивно додека не се исцрпи оваа можност и после тоа да излеземе и отворено пред граѓаните, и отворено пред ЕУ, и отворено пред Република Бугарија дека не можеме граѓаните повеќе да ги малтретираме и да ги изложиме на ваков процес на циклични очекувања и разочарувања притоа исполнувајќи ги сите услови. Треба да знаеме на што сме, не може повеќе вака, потенцира Османи на вчерашната прес-конференција.
Тој истакна дека изминатите месеци, по активирање на новиот пристап во преговорите преку состаноците на работните групи, има приближување на позициите и додаде дека историска штета ќе биде ако не се успее сега, бидејќи „како што рече никогаш нема да бидеме во подобра позиција за надминување на овие разлики“.
Османи нагласи и дека Договорот за добрососедство со Бугарија никој не смее да го стави под знак прашање. Бугарија, вели тој, секогаш ќе биде наш сосед, сојузник во НАТО и секогаш ќе биде важно да имаме добри соседски односи со нив.