Во врска со новиот проблем што се појави со децата кои општина Карпош сака да ги испише, првично, немаме реални информации за колку деца станува збор. Се надеваме дека во наредните денови ќе ги добиеме податоците преку непосреден контакт со општина Карпош, се вели во одговорот на Општина Ѓорче Петров за Фронтлајн, во однос на одлуката на Општина Карпош до 10 јуни да испише деца од Ѓорче Петров кои се згрижени во градинките на територијата на Карпош.
„Но, тука се појавува проблем во нашето законско регулирање при прием, затоа што истите тие не се пријавени на листите на чекање во системот во градинките во Ѓорче Петров. Голем дел од децата кои се запишани во општина Карпош е лична желба на родителите затоа што, меѓудругото, имаат во близина свои блиски кои може да ги земаат нивните деца од градинките или нивните работни места се во близина на градинката. Сметаме дека децата кои се веќе запишани во Карпош, а се од Ѓорче Петров не треба да бидат отпишани, туку ако веќе се држи општината на истиот став, сметаме дека треба од септември да не запишува деца од други општини. Според законската регулатива пропишана и поддржана од МТСП, родителите кои во градинките во општина Карпош имаат склучено договори треба да се придржуваат до одредбите на истите“, стои во одговорот на Опшина Ѓорче Петров.
Од Општината велат дека се свесни за недостатокот на капацитети во градинките и дека интезивно се бара решение.
„Во Ѓорче Петров над 500 деца се на листа на чекање во градинките. Приемот во градинка се одвива по пат на електронска пријава и процесот во целост се почитува. Сите 5 објекти на градинката „Росица“ се со капацитет од 730 деца. Во моментов се згрижени 805 деца со одлука на Совет за зголемување на бројот во групите.
Во однос на градинката во Волково, од општината велат дека очекуваат до септември да биде отворена и новата градинка во Волково, ако навремено добиеме согласности за вработувања. Таму ќе се запишат дополнително уште 200 дечиња.
Од Министерството за труд и социјална политика вчера за Фронтлајн одговорија дека „не е педагошки децата кои веќе ги посетуваат градинките да се отстранат од воспитните групи и од градинката, а општината Карпош може да ограничи прием и упис на нови деца од други општини“.
„Бидејќи децата кои се примени во предучилишните установи во општина Карпош, а се од други општини, уредно се примени од страна на јавните установи за што родителите и установите склучиле важечки договори, веќе посетуваат градинка подолг период некои и од раѓање, и сметаме дека не е педагошки да се отстранат од воспитните групите групи и од градинката, а општината Карпош може да ограничи прием и упис на нови деца од други општини“, пишува во одговорот на МТСП за Фронтлајн.
Според одлуката на Општина Карпош, поради големиот број на деца од други општини, од коишто најмногу, односно над 200, според градоначалникот Стевчо Јакимовски, се од Општина Ѓорче Петров, нема да биде дозволено запишување во градинките на територијата на Карпош, затоа што во оваа општина за упис чекаат над 300 деца коишто живеат во Карпош. Исто така во одлуката се вели дека веќе запишаните деца кои посетуваат градинки во Карпош, а се со адреса на живеење во друга општина, до 10 јуни треба да бидат отпишани.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, во емисијата „Здраво Македонијо“ на Канал 5 утрово рече дека „И Тито да стане од гроб, нема да ја смени одлуката“.
Јакимовски рече дека одлуката е донесена токму поради децата што живеат во Карпош, а за кои нема места во градинките на истата општина.
И. Т. Зафировска