Додека некои од Западот размислуваат какви отстапки би му дозволиле на рускиот автократ Владимир Путин за „да го спаси образот“ во Украина, водечките руски пратеници и врвни пропагандисти се залагаат да го „смачкаат“ Западот, за кој велат дека е крајната цел на Русија, пишува The Daily Beast.
Во емисијата „60 минути“ на државната телевизија, водителката Олга Скабеева објави: „Имам непријатни вести… Иако методично го уништуваме оружјето што се доставува во Украина, количините во кои САД го испраќаат нè принудуваат да донесеме некои глобални заклучоци. Можеби е време да се признае дека можеби на руската специјална операција во Украина и дојде крајот, во смисла дека започна вистинска војна: Третата светска војна. Принудени сме да извршиме демилитаризација не само на Украина, туку и на целата НАТО Алијанса“.
Владимир Аватков, од Дипломатската академија на Министерството за надворешни работи, рече: „Ја спомнавте Третата светска војна и начинот на кој Американците и Полјаците дејствуваат на територијата на Украина – навистина, треба да се потсетиме на зборовите на Владимир Владимирович Путин, кој рече дека секој што ќе се обиде да се меша во специјалната воена операција ќе плати висока цена“. Скабеева го и рече: „Никогаш не забораваме на овие зборови на Владимир Владимирович Путин, но голем број луѓе веќе стојат во редот, обидувајќи се да се мешаат во специјалната операција на Русија на територијата на Украина. Излезе, мораме да дејствуваме – но допрва треба да најдеме начин како да дејствуваме без да извршиме нуклеарен напад“.
Пратеникот на рускиот парламент Олег Матвејчев рече: „Ако Полска започне каква било интервенција… нејзините сегашни граници ќе бидат безвредни“. Скабеева не беше задоволна: „Не зборував само за Полска, туку главно за Велика Британија и САД… сите се наредени“. Аватков кратко додаде: „Нема потреба од брзање, има ред. Сè во свое време!“
Првата во редот е очигледно Полска, а секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев во вторникот неосновано тврдеше дека Полска се движи кон заземање територии во западна Украина и обвини бројни неименувани земји дека „активно работат на распарчување на Украина“.
Во меѓувреме, на руската државна телевизија водителите и експертите рутински ја нарекуваат Украина како „територијата порано позната како Украина“ и фактички разговараат за тоа колку милиони Украинци можеби ќе треба да умрат за Русија да ја заврши својата таканаречена „деназификација“.
Во своето неодамнешно интервју, заменик-претседателот на Комитетот за одбрана на руската Државна дума, Владимир Шаманов, поранешен врховен командант на руските воздушни трупи, призна дека Русија „е изградена преку територијално проширување“ и ја именуваше Полска како еден од главните противници на Русија.
Појавувајќи се во емисијата на државната телевизија во недела вечер со Владимир Соловјов, претседателот на Комитетот за одбрана на Државната дума, Андреј Картаполов, ја објасни идејата за руската крстоносна војна против западниот свет: „За нас, специјалната воена операција е само првиот чeкор, вовед . Војната што се случува сега… не е само економска војна и инфо-војна, оваа војна е за нашата вера. Станува збор за нашето право, како народ, да веруваме во она во што сакаме да веруваме, да ги сакаме оние што сакаме да ги сакаме и да живееме како што би сакале нашите предци, на нашата земја и според нашето првородство“.
Картаполов додаде: „Овие војни не се први војни. Во 19 век – Наполеон, во 20 век – Адолф Алојсович Хитлер и секој пат кога цела Европа доаѓаше кај нас. Истото се случува и сега… Добро е што доаѓа сознание, време е да престанеме да лажеме. Престанете да се лажете себеси, престанете да го лажете нашиот лидер, престанете да го лажете сопствениот народ. Време е да бидеме одговорни за нашите зборови и дела и да одиме напред како едно – кон целта што ја постави врховниот командант
„Денес Европа е де-факто колонија на Соединетите Држави, новиот тип на колонија. Во 90-тите бевме иста колонија, но успеавме да се ослободиме – благодарение на нашиот претседател и одлуките што ги донесе… Тие ставија сè во убава обвивка, продавајќи ни го под маската на демократијата, слободата на говорот и секакви други слогани. Нивната главна цел беше да ги узурпираат нашите ресурси, нашите природни ресурси, да ја поделат Русија на многу злобни земји кои се борат една со друга“, тврдеше Картопалов.
Наводната желба за „распарчување на Русија“ им се припишува и на опозициските активисти, со цел истовремено да ги таргетираат сите перцепирани непријатели, и странски и домашни. За време на емитувањето во понеделникот на „Вечерта со Владимир Соловјов“, беа изнесени аргументи за ограничување на влијанието на членовите на опозицијата врз руското општество – особено на оние кои сè уште патуваат во странство.
Политикологот Вадим Гигин тврди: „Луѓето кои планираат да се вратат во Русија… предлагаат да се подели земјата“. Водителот Владимир Соловјов додаде: „Тие ги имаат списоците со непожелни… ќе обесат луѓе. Она што е страшно е што тие се враќаат“.
„Со месеци бараме да се отворат кривични случаи против целата терористичка секта на [Алексеј] Навални според член 275 односно предавство“.
Апелирајќи за поагресивен пристап, Соловјов праша: „Дали ние дејствуваме како инертни гасови, едноставно зафаќаме само онолку простор колку што дозволува Западот? Западот не стиска, а ние го прифаќаме и се прилагодуваме на него? Кога работите ќе се смират, дали ќе го издишиме и ќе го дочекаме воздухот на слободата? Не, тоа нема да функционира. Време е да се отрезниме и да си го најдеме патот“.
Дискутирајќи за конфронтацијата на Русија со колективниот Запад во неделата вечер со Владимир Соловјов, Картаполов ја нарече крстоносна војна: „Убеден сум дека оваа војна е за верата. Русија е православна земја, а под „православна“ не мислам само на христијанството.
Православието е кога на нашата територија мирно коегзистираат сите традиционални религии: традиционалниот ислам, будизмот и јудаизмот… Тие велат, ние ја уништуваме украинската култура. Која култура? Погледнете ги ѓаволите што ги извлекоа од подрумите на Азовстал… Тоа е лицето – не можам ни да го наречам лице – муцката на нечистите. Светото писмо вели: „Она што било, пак ќе биде, што било направено пак ќе се прави; нема ништо ново под Сонцето“. Во 19 век дојдовме во Париз, во 20 век влеговме во Берлин – ќе стигнеме секаде каде што ќе се обидат да не поробат и понижат. Нема да успеете. Очекувајте нè.”
Извор: The Daily Beast (Julia Davis)
Oбработка: И. З.