За нешто повеќе од три месеци, речиси 14 милиони Украинци беа принудени да ги напуштат своите домови изјави Амин Авад, помошник генерален секретар и кризен координатор на Обединетите нации за Украина, јавува Укринформ.
„Семејствата и заедниците се нарушени и разорени. За нешто повеќе од три месеци, речиси 14 милиони Украинци беа принудени да ги напуштат своите домови, мнозинството жени и деца – обем и брзина на раселување што не е забележана во историјата“, истакна Авад.
Според ОН, на повеќе од 3 милиони украински деца им е прекинато образованието поради војната. Дополнително, на 15,7 милиони луѓе сега им е потребна хуманитарна поддршка. Бројките секојдневно се зголемуваат, а стотици илјади луѓе немаат пристап до вода и струја.
ОН веруваат дека со доаѓањето на зимата, милиони цивилни животи би можеле да бидат во опасност.
Во изминатите 100 дена, ОН обезбеди итна хуманитарна помош за околу 8 милиони луѓе низ целата земја, вклучително и во опколените градови на истокот на Украина.
„Нашите неуморни напори да одговориме на разорното влијание на војната ќе продолжат, силно и стабилно“, истакнаа ОН.
Според Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), бегајќи од војната, околу 7 милиони Украинци веќе побегнале во странство.
Ј. Ѓ.