Украинскиот претседател Володимир Зеленски е убеден дека секоја црква запалена од руската војска, секое училиште разнесено и секој уништен споменик докажуваат дека Русија нема место во Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).
Зеленски изјавата ја даде на Телеграма по рускиот артилериски напад врз Лаврата на Светите планини на Светото Успение (Свијатохирск Лавра) во регионот Доњецк, јавува Укринформ.
„Очекуваме логичен и праведен одговор од ОН и УНЕСКО. Тоа се Обединетите нации, а нивната повелба не предвидува здружување со терористи. Изолацијата на Русија мора да биде целосна и таа мора да одговара за нејзините злосторства“, напиша Зеленски.
Претходно оваа недела, руските трупи веќе ја нападнаа Свјатохирска Лавра. На 1 јуни 2022 година, руски проектили ги погодија ќелиите на монасите. Четири лица загинаа, а четворица тешко се повредени. Градот Свјатохирск е под непријателски оган од мај 2022 година.
„Окупаторите точно знаат каков објект гранатираат. Тие знаат дека нема воени цели на територијата на Свјатохирската Лавра. Тие знаат дека околу 300 цивили, поточно 60 деца, се кријат од воените дејствија таму. Но, сепак, руската армија ја гранатира Свјатохирската Лавра, исто како и целиот Донбас. Исто како и секоја друга област или кој било друг објект во Украина. Ним не им е грижа“, нагласи претседателот на Украина.
Според Зеленски, на 31 мај 2022 година, Врховната Рада на Украина апелираше до УНЕСКО да ја лиши Русија од членството во организацијата. Украинските дипломати постојано работат на ова.
„Ниту една земја, освен Русија, не уништила толку многу споменици, културни и општествени објекти во Европа од Втората светска војна. Секоја изгорена црква во Украина, секое училиште разнесено, секој уништен споменик докажуваат дека за Русија нема место во УНЕСКО. За што да зборуваме со варварска држава, терористичка држава? За тоа кои артилериски гранати се подобри за уништување на историското наследство?“, истакна Зеленски.
Ј. Ѓ.