Како да се забрза прогресот на образованието до 2030 година е главна тема на министерскиот состанок кој денеска и утре во организација на УНЕСКО се одржува во Париз, каде што учествува и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
МОН соопшти дека станува збор за подготвителна активност која претходи на Самитот за трансформација на образованието што ќе се одржи во септември годинава во седиштето на УНЕСКО во Њујорк со цел да се утврди нов правец за развој на образованието.
-На подготвителниот министерски состанок во Париз е предвидено министрите за образование и наука од повеќе земји од Европа да ги презентираат првичните исходи од националните консултации кои се спроведуваа во изминатиот период, да дискутираат за клучните препораки од активностите за иницијативите за глобална соработка и да ги утврдат најзначаните практики за интензивирање на развојот на образованието, соопшти МОН.
Во текот на денот ќе се обрати министерот Шаќири кој, како што е наведено во соопштението, ќе се осврне на активностите кои ги презеде Владата на Северна Македонија за обезбедување континутет на воспитно-образовниот процес во време на пандемијата, за промените кои се почнати токму во периодот на здравствената криза со цел унапредување на квалитетот на националниот образовен систем и за идните планови поврзани со остварувањето на оваа цел./МИА/.