Насловот објавен на порталот Expres.mk тврди дека некој прогласил победа затоа што „царот Самоил и Кирил и Методиј се Бугари“: „Бугарската платформа „Национален круг за Македонија“ прогласи „победа“ – „царот Самоил и Кирил и Методиј се Бугари“!“
Меѓутоа, иако во насловот стои изразот „Бугари“, во написот од Expres.mk (кој се повикува на „Дојче веле“) воопшто не се среќава зборот „Бугари“, туку следново толкување на неколку бугарски историчари:
„Цар Самоил е бугарски цар. Учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-покрстител Борис-Михаил го шират нивниот збор низ бугарското царство. Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во Р*М.“ – се вели во изјавата на бугарската платформа” .
Значи, Expres.mk не цитира став од објавените препораки на Историската комисија, туку толкувања на група бугарски историчари, дел од Бугарската платформа „Национален круг за Македонија“.
Ако провериме дали овие толкувања имаат фактичка основа во она што е запишано во објавените препораки, доаѓаме до следните заклучоци:
- Во објавените препораки воопшто не се среќава изразот „Бугари“. Следствено, сите тврдења или манипулации дека некој се согласил дека „царот Самоил и Кирил и Методиј се Бугари“ немаат фактичка поткрепа.
- Во објавените препораки воопшто не се среќава толкувањето „Цар Самоил е бугарски цар“ (се спомнува само „бугарскиот цар Симеон“). Во препораките стои „Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија“. И за македонската историска наука не се нови определбите за државата на Самоил како „Бугарско царство“. И во „Македонска Енциклопедија“ на МАНУ за Самуил пишува дека „во изворите најчесто се именува како бугарски цар, а неговата држава како Бугарско Царство“. И во зборникот на МАНУ и ИНИ „1000 години од битката на Беласица и смртта на Цар Самоил“ е објавено дека „во историографијата се оформил доста широк консензус (макар и не целосен) во однос на формата – бугарско царство“ (Стојко СТОЈКОВ, ЦАРСТВО, ЕТНИЦИТЕТ, НАСЛЕДСТВА, ИНТЕРПРЕТАЦИИ). Во истиот зборник пишува и дека „самите негови творци го нарекувале бугарско“: „Идеолошки, Самоиловото Царство било поврзано со старото Бугарско Царство, така што и самите негови творци го нарекувале бугарско.“ (Mилан, БОШКОСКИ, ЦАР САМОИЛ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА И ТРАДИЦИЈА).
- И другите тврдења на бугарските историчари се пристрасни толкувања, а не цитирања на објавените препораки.
Во случајов, пристрасни толкувања на бугарски историчари беа искористени за ширење дезинформации и за распламтување на националистички страсти. Толкувањето на препораките на начин што им се придодаваат изрази, кои воопшто не се среќаваат во нив, не е својствен само за некои бугарски историчари, туку и за некои македонски новинари и политичари, кои исто така шират дезинформации се обидуваат да распламтуваат националистички страсти.
На пример, следниве толкувања немаат фактичка поткрепа во објавените препораки: „… дури и децата во Хрватска, во Словачка и во други словенски држави би требало да учат дека просветителската мисија на Кирил и на Методиј и на нивните ученици е „бугарски проект“.“
Никаде во препораките не се среќава изразот „бугарски проект“, а и обвинувањата за „побугарчувањето на Кирил и Методиј“ немаат основа во објавените препораки. Дезинформации се и тврдењата дека комисијата прифатила дека Кирил и Методиј потекнувале и „твореле во средновековна Бугарија“.
Бројните дезинформации, шпекулации и тенденциозни толкувања на објавените препораки не беа искористени само за кревање паника, туку и за натамошни обвинувања за „национално предавство“, и за поттикнување на омраза (кон „северџанобулгарите“) и кон „предавниците“ на социјалните мрежи.
Извор: ИМА