Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Српските и македонските медиуми наголемо ја објавија фото веста од српскиот претседател Александар Вучиќ кој „не ѝ одолеа“ на топката и заигра баскет со младите њујорчани. Фотката беше објавена на Инстаграм профилот на Вучиќ и за еден ден собра речиси 12,000 лајкови.
За средбата меѓу српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ и неговиот украински колега Дмитро Кулеба не најдов написи во српските и македонските медиуми.
„На нашата средба, министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ ја потврди поддршката на Србија за територијалниот интегритет на Украина. Го повикав Белград да ги усогласи своите политики во однос на руската војна против Украина со оние на ЕУ. Ѝ се заблагодарив на Србија што ги прегрна Украинците кои избегаа од војната“ – напиша шефот на украинската дипломатија на Твитер.
In our meeting, Foreign Minister Nikola Selaković reaffirmed Serbia’s support for Ukraine’s territorial integrity. I called on Belgrade to align its policies regarding Russia’s war on Ukraine with those of the EU. I also thanked Serbia for embracing Ukrainians who fled the war. pic.twitter.com/8H7iWylTbH
— Dmytro Kuleba (@DmytroKuleba) September 21, 2022
Некои ќе речат, кога тоа Србија ја поддржала Украина? Перцепцијата е дека Србија е рускиот играч на Балканот и дека нејзиното државно водство е проруско. Колку и да е точно тоа, сепак, Србија, како и сите држави на Западен Балкан, гласаше „за“ кога, на 2 март, се изгласа Резолуцијата на ОН за прекин на руската офанзива против Украина (141 држава „за“, 5 „против“, 38 „воздржани“). Вучиќ и тогаш, можеби на „пола уста“, одлучи да го поддржи територијалниот суверенитет на Украина, иако ја продолжи соработката со Русија и одби да им се приклучи на санкциите што ги воведе слободниот свет против режимот на Путин. Но прими украински бегалци. Да не говориме за тоа дека Белград е полн со руски опозиционери што избегаа од режимот на Путин веднаш по почетокот на руската агресија.
Посебно е интересен делот од изјавата на Кулеба во кој тој вели дека „го повикав Белград да ги усогласи своите политики во однос на руската војна против Украина со оние на ЕУ.“ Што му одговорил Селаковиќ на тоа не знаеме, но нема да чекаме предолго да го видиме тој одговор на дело. За сега, медиумите во Србија (и Северна Македонија) одлучија да не му придадат значење на овој настан, бидејќи спортските активности на Вучиќ им се далеку поинтересни.
Во меѓувреме, Путин е во очај. Неговата одлука за „делумна мобилизација“ на 300.000 нови војници за војна со Украина е најтешкото признание на поразот што го доживува во својата крвава агресија против Украина.
Не е чудо што Србија ја „реафирмира“ својата поддршка на Украина, макар само преку твит на Кулеба и „инстаграм баскет“ на Вучиќ во Њујорк. Седењето на две столици во политика бара извонредни вештини, но и тоа не е вечна позиција. Во еден момент, секој мора да се одлучи на која столица ќе седне, за да не тресне на подот. Вучиќ добро го знае тоа.
Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.