Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Еден од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, пред неколку денови, ни се жали дека некои „маскирани типови“ го нападнале во населбата Карпош во Скопје. На тоа, ни вели советникот, претходела расправија преку синекурите од „врвната глава“ на партијата, што значи, советникот ја критикувал својата партија за погрешните политики, па кога виделе дека ги критикува своите – му ветиле исплата на сите паушали и повлекување од Советот во Општина Карпош, плус, редовно вработување.
Ако тоа не го прифати – за што овој не прифатил – му следуваат ригорозни мерки, а тоа е претепување. Прво суптилни закани, потоа не толку суптилни, за на крајот, се знае. Ќотек, ако не и полошо. Добро е што, барем до сега, до таков инцидент не е дојдено. Човекот даде изјава, и со него е сè во најдобар ред.
Попатно, налетувам на коментар на Филип Петровски за „Инфомакс“, тој самопрегорен „вмроовец“, десничар и конзервативец, кајшто ни вели (парафразирам): „и на мене се тргнати брутално, ми спремаат егзекуција“, за натаму уште да ни рече: „мене многу поголемо зло ми направила ВМРО, отколку што ми направила СДСМ“.
Овие два случаи, за мене се имплицитно парадигматични, затоа што се работи за луѓе кои доаѓаат од една иста партија со која не се сложуваат со политиките на нивната врхушка. Врхушката, пак, несакајќи никој да им противречи, им се заканува на своите експоненти, by the way, Филип Петровски – без разлика што јас лично мислам за неговите политички ставови – сепак е репрезентативно име и презиме во политиката на конзервативците, многу поголемо од целиот денешен лидершип на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, леплив е за публика и за него може да кажеме сè, ама дека е политички неписмен – тоа не можеме никако.
Што е возбудливо кај овие два случаи: првиот случај е тоа што советникот добива еден вид „индулгенција“ од „врховната глава“ лично, што значи го номинира за советник, а кога ја критикува политиката на партијата, тоа Мицкоски го исчитува како напад на „него лично“, поточно напад на претседателот.
Значи Мицкоски не го чита нападот како политичко насилство кон личност која на многу нивоа е послаба од него, туку го исчитува како напад на себе лично и својата позиција во партијата. Во таков контекст – спремен е мајчиниот да се брани со насилство. „Ќотекот е излезен од рајот“, веројатно тоа е sвездата водилка на Мицкоски?
За Филип Петровски знаеме од поодамна: на една телевизиска дебата на која двајцата учествувавме, Петровски ме прашува, „Дали јас ти изгледам на шпиун и предавник“? Ма, се разбира дека не, одговорив, иако многу добро знам што неговите за мене „на локал“ зборуваа во времето на Груевски. Денес, претпоставувам, неговите во партија истото за него го зборуваат, дури уште и му се закануваат со „ликвидација“?
И нема да ми претставува тешко, овој текст да го исполнам со уште примери на „микронасилство“ од нивната фамозна и нереформирана партија ВМРО-ДПМНЕ, која повремено расне во нешто поголемо од насилство, а дури и секојдневно се обидува, преку јавните гласила и монструозни пропаганди, да ја промени нашата реалност, дури и во време на опозиција, затоа што се неверојатно гласни, хистерични и насилни.
Се разбира, оваа состојба во партијата на „врховната глава“ не е од вчера, и не е без корен. Политичкото и параполитичкото насилство беше едно од клучните обележја во режимот на Груевски. Би било многу необично ако ВМРО-ДПМНЕ биде нешто друго освен тоа; нивната „воена позадина“ е нивниот политички темел; во спротивно, не само Петровски, туку и тој фамозен советник на Општина Карпош ќе можеа слободно да ги вршат своите политички активности, без закани и репресалии: едниот ќе критикуваше и ќе си го бараше своето место во политиката, а тој другиот, ќе го правеше тоа слободно и без грижа, ќе делуваше во Советот на Општина Карпош или што се прави еден советник во едно општинско собрание: мава печати, јаде на сметка на општина, свири на флејта, пее старомакедонски песни, сосема е неважно.
Важно е дека никој не смее за твоите политички ставови да те праќа „отаде умот“, ма какви и да биле тие.
Без разлика на сè, ништо ова не е ново и неочекувано од оваа радикално-десничарска партија, барем оние кои го следат јавниот и политички живот во земјава. Јасно ни е на сите дека ако успеат да се вратат на власт, Македонија повторно ќе го изгуби постулатот на слободна земја и ќе се придружи – како што грујовата политика се придружи – во „нелибералните демократии“ од типот на Орбан, денес првото другарче на монструозниот Путин; таквиот не чека, ако може уште денес би не проголтал и вратил во светот на мракот, обманите и политичките насилства. Свет од кој едвај излеговме.
А понекогаш, знаете, треба по малку и да ги разберете: кога доволно долго ќе уживате во политичкиот кредит кој со ништо не сте го заслужиле (ниту некој има право да ужива), разбирливо е дека тешко ви паѓа кога некој треба да ви соопшти дека бонусот за бесконечно политичко насилство повеќе не ви работи.
Не можеш повеќе, батице, да дереш по луѓето а за возрат да не добиеш по п’чци.
Текстот е личен став на Авторот. Преземањето е дозволено според лиценцата Creative Commons 4.0.