Министерството за животна средина и просторно планирање извести дека се обезбедени финансиски средства за спроведување на детално истражување на локацијата Пеленица – Рупа, населба Драчево, а врз основа на прелиминарни информации кои укажуваат на тоа дека компанијата ОХИС на оваа локација во 1976 година депонирала одредена количина на HCH- отпад.
HCH- отпадот бил спакуван во метални буриња и истите биле депонирани во две јами ископани на локалитетот. Јамите биле обложени со бетонски ѕидови и покриени со земја.
Деталното истражување ќе опфати: ископување на сонди и земање и анализи на примероци од отпад/почва; дупчење на бушотини и земање и анализи на примероци од отпад/почва; инсталирање на бунари за мониторинг на подземни води и земање и анализи на примероците од подземните води.
Анализата на примероците ќе се врши во Eурофинс, реномирана лабораторија во Холандија. Врз основа на добиените резултати ќе се направи проценка на обимот и степенот на контаминација, ќе се предложат опции за ремедијација на локацијата и ќе се проценат трошоците за предложените опции за ремедијација.
Се очекува теренските работи да се завршат до 11 ноември, а завршниот извештај со целокупната документација и проценките да биде доставен до крајот на годината, известуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.