ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

Цела Европа штеди, јавното греење на 19 Целзиусови степени

November 14, 2022 16:50
in ДЕНЕС, ЕКОНОМИЈА, СВЕТ
Share on FacebookShare on Twitter

Сегашната поврзаност на проблемите – руско-украинската војна, инфлацијата, глобалниот недостиг од храна и енергија, должничките кризи во земјите во развој, како и долготрајните влијанија на исклучувањата поврзани со ковид-19 и тесните грла во синџирот на снабдување – можеби е најсериозната криза од сите нив, не само затоа што централните банки не можат да печатат пченица и бензин.

Рускиот прекин на испораката на природен гас за Европа по економските санкции што се воведени поради руско-украинската војна, предизвика невидена енергетска криза низ целиот континент.
Цените на природниот гас на европските пазари се зголемија над десетпати на годишно ниво, достигнувајќи историски високи нивоа – зголемување кое нагло предизвика раст на цените на електричната енергија.

Земјите во Европа преземаат различни мерки како ограничување на цените на енергијата, намалување на даноците, помагање на граѓаните кои имаат потреба од помош и намалување на температурите во јавните згради наспроти рапидно растечките цени на природниот гас и електричната енергија.
Цените на електричната енергија во трговијата на големо во европските земји пораснаа и до осумпати.
Европската Унија и земјите членки се обидуваат да имплементираат различни мерки за заштита на потрошувачите од брзиот пораст на цените и да обезбедат сигурност во снабдувањето со енергија.

Откако Русија на неодреден период го прекина протокот на природен гас во Европа преку гасоводот „Северен тек“, министрите за енергетика на земјите на ЕУ се состанаа да ги утврдат новите мерки против растот на цените.

Земјите од ЕУ веднаш ѝ дадоа задача на Европската комисија да подготви регулатива што ќе вклучува ограничување на приходите на производителите на електрична енергија со ниска цена, придобивките од компаниите за фосилни горива, наметнување висока цена на природниот гас, намалување на побарувачката на електрична енергија и обезбедување ликвидност за енергетските компании.

Деталите за овие регулаторни предлози се очекува да бидат официјално објавени за неколку дена.

Во Германија смеат да се греат самодо 19 Целзиусови степени

Во Германија, Владата подготви три различни пакети помош во вкупна вредност од 125 милијарди евра за намалување на последиците од растечките цени на енергијата врз граѓаните.

Даноците за гориво се намалени, а до септември беа овозможени неограничени билети за јавен превоз за 9 евра месечно.

Земјата ја ограничи температурата на греењето на максимум 19 Целзиусови степени за јавните згради и донесе одлука да го исклучи осветлувањето на јавните згради и споменици, како и билбордите.

Забрането е користење на системите за загревање на базените.

Одредени фабрики за јаглен, што во минатото се планираше да бидат затворени, повторно се пуштени во употреба.

Земјата одлучи да задржи две нуклеарни централи, што претходно требаше да бидат затворени.

Германија одлучи и да ги задржи на константно ниво цените за основната потрошувачка на електрична енергија и да исплати еднократна помош од 300 евра на пензионерите и 200 евра за студентите поради зголемените сметки за енергија.

Од граѓаните беше побарано да штедат струја и енергенси.

Дополнителен буџет е издвоен за енергетско ефикасно реновирање на старите згради.

Одлучено е да се обезбеди дополнителна поддршка за трошоците за греење на сите што добиваат помош во домување низ целата земја.

Владата најави дека ќе оданочува и неочекувано високи профити на енергетските компании.

Се очекува државата да објави дополнителни мерки за помош во наредните денови.

Во Франција продавниците ги гаснат излозите од 1:00 до 6:00 часот наутро

Франција одлучи да ги замрзне цените на природниот гас бидејќи нивото во октомври 2021 година и поскапувањето на електричната енергија до крајот на годината беше ограничено на 4 отсто.

На домаќинствата што имаат потреба им беше обезбедена поддршка за плаќање енергија од 100 евра.

Подготвена е и програма за заштеда со цел намалување на потрошувачката на енергија за 10 отсто.

Степенот на греење и ладење во јавните згради беше ограничен на минимум 26 степени за клима-уредите и максимални 19 степени за греалките.

Продавниците треба да ги исклучуваат светлата на излозите од 1:00 до 6:00 часот наутро.

Термостатите во Шпанија заглавени на 19 Целзиусови степени

Во зимскиот период, температурата на термостатите е ограничена на 19 степени.

Светлата на излозите на продавниците и осветлувањето во јавните објекти треба да се исклучуваат во 22 часот по локално време.

Земјата одлучи од октомври да го намали ДДВ-то за природен гас од 21 отсто на 5 отсто.

Од граѓаните и деловните субјекти е побарано да штедат енергија.

И Грција штеди струја

Грција најави серија мерки за заштеда за намалување на потрошувачката на енергија за 10 отсто во јавните институции.

Преземени се мерки за одржување на температурата во јавните згради на 27 степени во летната сезона и 19 степени во зимската сезона.

Системите за греење, ладење и осветлување треба да се исклучуваат кога зградите не се во употреба.

Земјата ќе формира специјални оддели за подигање на свеста на институциите за заштеда на енергија.

Започнати се кампањи за да им се помогне на граѓаните во штедењето енергија.

Унгарија со јавно греење до 18 Целзиусови степени

Греењето во јавните згради во земјата е ограничено на 18 степени. Цените на горивата се одржуваат под пазарните цени.

Одлучено е користењето на природниот гас во јавните институции да се намали за 25 отсто. Регулативите за сеча на дрвја се ублажени со цел да се обезбеди огревно дрво.

Како штеди Белгија?

Земјата го продолжи времетраењето на тарифите за социјална енергија за сиромашните лица.

Белгија обезбеди поддршка од 225 евра за оние што ги греат своите домови на нафта и 100 евра за сметките за струја. Намалување на данокот е дадено за производи како топлински пумпи, соларни панели или материјали за топлинска изолација.

Осветлувањето во јавните згради треба да се исклучува во периодот од 19 часот до 6 часот наутро.

Земјата одлучи да ја постави температурата на греењето на најмногу 19 степени.

Белгија планира да воведе дополнителни даноци за компаниите чиј профит ќе достигне високо ниво.

Периодот на работа на двете нуклеарни централи, што се планираа да бидат затворени во 2025 година, е продолжен за 10 години, а земјата одлучи двата реактори, што се планираше да се затворат оваа зима, да продолжат со работа.

Извор: Цивил Медиа

Next Post

Македонија и Албанија – балкански раритет за добрососедство

НАЈНОВО

Скриншот

Рама: Министерката создадена со вештачка интелигенција Диела е бремена, очекуваме 83 деца

October 27, 2025

„Ле Каландре“ од Италија е најдобар ресторан во светот за 2025

October 27, 2025
Фото: МИА

Лазаров: Манасков игра во одлична форма и затоа доби повик, но тој го одби

October 27, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Почнува зимскиот распоред на летање, Скопје и Охрид добиваат 10 нови дестинации

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Куманово може поинаку: Горан Стојковски Диро ја бара поддршката од сите кумановци

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Никол Кидман блесна на „Vogue World: Hollywood“ во стилизирана тоалета на Рита Хејворт

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Дневен хороскоп со Анаис – 27 октомври

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Земја во која концепциски се проектираат граѓани од втор ред, оние од првиот ред мора да се мајмуни!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk