Премиерата на перформативната инсталација во јавен простор „Градот како сцена-изгубени модернистички утопии“ на Филип Јовановски и Миодраг Куч ќе се одржи утре во 12 часот во рамки на 47. МОТ. Изведбата ќе биде во близина на објектот зграда на поранешна месна заедница во Тафталиџе, спроти основното училиште „Јан Амос Коменски“, ул.„Варшавска“ бр.23. По првата изведба ќе има уште една која е закажана за 13.30 часот.
„Градот е почувствителна и потрајна стварност, државата е посамоволна и поапстрактна. Етатизмот е системско организирање, урбанизмот е граѓанско организирање… Градот е јавност.“, стои во референцата на авторите за овој настан.
Описниот мотив за перформансот на авторите:
„На 3 јули 1973, во Скопје, е пуштен во употреба еден објект кој припаѓа на бруталистичката постземјотресна архитектура, зградата на месната заедница Тафталиџе и воедно и културен центар, кој што граѓаните го викаат „Домче“. „Домче“ е една мала куќа која припаѓа на населбата. Куќа изградена за граѓаните. Дванаесет приказни со наслов „Домче“ (можеби) најмалиот бруталистички објект на светот, се пишувани како дел од долгорочниот уметнички интердисциплинарен проект со наслов „Градот како сцена“ – Изгубени модернистички утопии“.
Овие приказни, зградата ја трансформираат во „текст“ кој треба да се допишува, надополнува, додава и одзема, како една жива книга која секоја генерација мора да ја чита одново.
Учесници/истражувачи/изведувачи во досегашниот (2021-2022) процес: Миодраг Куч, Филип Јовановски, Јана Брсакоска, Љубиша Арсиќ, Симона Димковска, Кристијан Караџоски, Борис Бакал, Културно ЕХО, City Scope, Луна Шаламон, Дениз Ајдаревиќ, Деница Стојковска како и студентите од архитектонски факултет Скопје: Тамара Џерков, Димитар Милев, Сандра Николовска, Бојана Исијанин, Стефан Танков и студенти од Факултетот за Драмски уметности
Скопје: Александар Јовановски, Мартина Данаиловска , Марија Талеска, Мартина Петреска, Иван Вртев.
Продукција: Борис Василески
Кураторска поддршка: Ивана Васева
Соработници на продукција: Александар Јовановски, Денис Ајдаревиќ, Луна Шаламон, Мартина Петреска
Музичка интервенција: Дуо „Алембик“
Бројот на билетите е ограничен. Истите можете да ги подигнете само онлајн преку www.bileti.mkc.mk