„Вие бевте дел од Армијата во едно време, кога во државата се инвестираше повеќе за споменици и за гипс картони, отколку за Армијата. И до ден денес немате честитано ниту еден успех на армијата. И после ова ваше грубо манипулирање на јавноста јасно ми е зошто избегавте од армијата. Затоа што се плашите да се соочите со успесите на македонската армија“ рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Таа кажа дека ќе поднесе тужба за клевета и навреда против Ковачки за неговите прес-конференции и тврдења дека министерката поседува хациенда, која ја нема пријавено во нејзиниот анкетен лист.
„Мислев дека после фијаското што го доживеавте со соочување на аргументите на нашето ТВ соочување, кое беше на мое барање, а не на ваше и со моето искрено на паузата кога ви кажав дека не кријам никаков имот, дека ќе се повлечете. Ако ништо друго, ќе си ги проверете документите со кои што очигледно дека некој сака и тоа многу јако, да ве излизга“ рече Петровска.
Министерката рече дека ги има сите документи и договори и дека тие ќе му бидат доставени на Ковачки заедно со тужбата.