По вторпат, Општина Тетово, во септември годинава, основаше јавно претпријатие за јавен превоз „Тетово Транспорт“. По новата одлука за формирање на второто претпријатие без ветените автобуси со години по ред, во социјалните мрежи граѓаните го изразија својот револт со иронија и сарказам.
„Тетово станува прва општина со две транспортни претпријатија, а без ниту еден автобус”, беше една многуте реакции на тетовци. Оваа реакција дојде откако првото претпријатие формирано 2014 година, со години беше нефункционално, без автобуси, и само со ветување дека ќе се купат. Иако имаше управен и надзорен одбор, бидејќи не се стави во функција, првото претпријатие автоматски престана да работи заради законските рокови.
Директорот на претпријатието за јавен превоз ЈП „Тетово транспорт“, Фејсал Беадини, за „Порталб.мк“ вели дека не станува збор за основање на паралелно претпријатие, туку за повторување на постапката за основање.
„Во моментот кога актите за основање ќе бидат пратени до централниот регистар за регистрација на претпријатието, тие ќе бидат валидни и ќе се започне со работа. Актите сега ќе бидат пратени до Централниот регистар веднаш штом ќе станат официјални, а ќе бидат објавени во Службениот весник на општина Тетово во законски рок”, вели Беадини.
Во врска со организацијата на јавниот превоз во Тетово, Беадини изјави дека возниот ред, линиите и автобуските станици се во фаза на подготовка и сè уште не се завршени, а откако ќе бидат подготвени, ќе бидат испратени до Советот на општината за одобрување и ќе бидат објавени. Од општината тврдат дека аплицирале за заем од Светска банка за набавка на автобуси, но од таму сè уште нема информации дали да ќе го одобрат ова задолжување.
Арбен Зеќири