„Имаме осомничени лица за лажните закани за бомби во училиштата, по потврдувањето на сите факти, заедно со обвинителството ќе се организира акција. Ова е терористички акт“ изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Само интервју“ на Канал 5.
Тој додаде дека кога се прават вакви активности често не се размислува за последиците, како и со нападот во Собранието.
„После ваквите настани потоа се бараат аргументи дека тоа не било терористички акт, има разни оправдувања. Која и да е причината кога се внесува раздор и несигурност кај граѓаните и троши ресурси на МВР мора најстрого да биде казнето“ рече Спасовски.
Министерот истакна дека ваквите хибридни напади зачестуваат во повеќе земји поради геостратишките испреплетувања и кажа дека овие хибридни закани зачестија по руската агресија врз Украина.
„Целта на ваквите напади е да предизвикаат несигурност, страв и паника кај граѓаните. Да предизвикат нестабилност во државата и во институциите. Се трошат ресурсите на министерството, но и создаваат вознемиреност кај граѓаните“ рече Спасовски.