Приватните превозници, кои беа дел од јавниот автобуски превоз во Скопје, утре од 6 часот наутро најавија дека ќе блокираат три крстосници во главниот град, откако досега не е постигнат договор.
Тие бараат да им се исплати долгот од 1,3 милиони евра, што, како што велат, им го должи Јавното сообраќајно претпријатие, односно Град Скопје.
Од „Слобода превоз“ велат дека ќе протестираат се додека не се постигне договор и најавуваат дека во текот на утрешниот ден 200 автобуси ќе бидат поставени како барикади на главните крстосници во градот.
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре поради најавено одржување на протестот, со почеток во 06.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воспоставен на бул. „Илинден“ – од Владата до крстосницата кај МИ-ДА во скопската општина Карпош 2. Потоа ќе биде блокирана крстосницата кај Црвен Крст во центарот на градот од ул. „11 Октомври“ и бул. „Кочо Рацин“, како и крстосницата од бул. „Гоце Делчев“ и бул. „Крсте Мисирков“ (Судска палата).
Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива протестот, со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.