СДСМ одговори на повикот на Цивил за промоција на европските вредности преку изведување на евергринот ИНСИЕМЕ , кој неодамна доби верзија на македонски јазик.
Вечерашната трибина ‘Силно и одлучно кон иднината’ која се одржа во Скопје, заврши токму со изведба на оваа песна. Песната на Тото Кутуњо е симболичен придонес на Цивил кон промоцијата на европските вредности и поддршката за евроинтеграцискиот процес кој, по долгото чекање, доби конкретен и извесен тек. Цивил ги повика сите политички партии во земјата да станат дел од оваа иницијатива, јасно да ги артикулираат своите ставови и дадат конкретен придонес кон македонската иднина во Европската Унија.
‘Партиите можат својата поддршка за проевропската иницијатива да ја изразат и преку соопштение до јавноста во која ја изразуваат поддршката за Иницијативата на Цивил за општествено и политичко обединување за европската иднина, изразено и преку продукција на македонската верзија на песната Инсиеме/Заедно.
Без оглед на разликите во политичките програмски определби, без оглед на разликите во ставовите и честите препирки во јавноста, најголем дел од политичкиот естаблишмент во нашата земја се согласува барем во едно, а тоа е членството во ЕУ’, истакнаа од Цивил.
Неодамна, повеќе од петнаесет познати ѕвезди на музичката и актерската сцена учествуваа во иницијативата на Цивил која носи наслов „Insieme/Заедно“, песната на италијанскиот поп пејач Тото Кутуњо со која тој победи на Евровизија во Загреб, 1990 година. Кристина Арнаудова, Адријан Азири, Тијана Тодевска, Ана Стојановска, Мики Јовановски Џафер, Елена Петреска, Лидија Кочовска, Јована Спасиќ се само дел од македонските ѕвезди кои се одзваа на поканата на Цивил и во рекордно време го преработија овој евергрин на македонски јазик.
Веднаш по упатениот повик, својата поддршка преку социјалните мрежи досега ја дадоа најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, владејачката партија СДСМ и Алтернатива.
Извор: Цивил Медиа