Предвидени се повеќе зафати во Заводот и музеј – Битола, меѓу кои и: реконструкција на музејскиот простор и поставување на постојана поставка; рехабилитација на страничниот влез на оваа национална установа; реконструкција на пациото лоцирано во Музејот и поставување лапидариум; поставување лифт во Музејот.
Во Музејот на Стерјо Спасе во селото Глобочани во Пустец, Албанија, денеска официјално беше означен почетокот на реализацијата на проектот „SMART4YOU2“, кој е поддржан од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.
Со буџет за проектот во износ од 1,2 милиони евра, во периодот од 30 месеци, ќе се работи на развивање на туристичките потенцијали на прекуграничниот регион. Проектот е структуиран во три групи комплексни активности за промоција на културното наследство во Северна Македонија и во Албанија.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во своето обраќање истакна дека започнува уште една значајна соработка во име на вредноста на културните добра на двете соседни земји, подобрување на туристичкиот потенцијал и дополнителен економски развој на овој прекуграничен регион и запознавање, зближување и олеснување на севкупната комуникација.
„Го правиме тоа со поддршка од Европската Унија, преку ИПА-програмата за прекугранична соработка, и со силен ангажман на општините Битола и Пустец, како и на Националната установа Завод и музеј – Битола, Регионалниот директорат за културно наследство – Корча и Младинскиот културен центар – Битола“, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа, од името на Македонската влада, ги поздрави напорите што ги прави Владата на премиерот Еди Рама за подобрување на правата на Македонците, а упати благодарност за гостопримливоста укажана од градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, единствениот градоначалник Македонец во Република Албанија.
„Ние сме горди на фактот дека сме земја со високо ниво на остварување на правата на етничките заедници и нивното интегрирање во општеството како влог за стабилна, просперитетна и европска Македонија. Македонците се лојални граѓани на Република Албанија. Овде е вашиот дом. Овде ги чувате и ги развивате посебноста, културата, јазикот – македонскиот идентитет“, додаде министерката за култура. Таа нагласи дека оттука треба да произлезе новата енергија на уште поголемо пријателство, добрососедство, на она што нè зближува и нè води кон заедничкиот европски дом.
„Потребата од пријателство и соработка ја разбираат и Македонската и Албанската влада. Ние си помагаме и соработуваме на патот до заедничката стратешка интеграција, Европската Унија. И двете земји веќе сме членки на НАТО“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Проектот „SMART4YOU2“ е кофинансиран од Европската Унија, а во рамките на Третиот повик на ИПА-програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија, 2018 – 2020.
Во првата група активности на проектот ќе се работи на унапредување на потенцијалите на заштитените културни добра, проширување на туристичката понуда, подобрување на искуството на посетителите, со цел да се овозможи продолжен престој и повторни посети на посетителите, позитивни препораки и подобрена слика за регионот.
Предвидени се повеќе зафати во Заводот и музеј – Битола, меѓу кои и: реконструкција на музејскиот простор и поставување на постојана поставка; рехабилитација на страничниот влез на оваа национална установа; реконструкција на пациото лоцирано во Музејот и поставување лапидариум; поставување лифт во Музејот. Ќе се работи и на поставување тактилни слики во постојаната поставка за информирање на посетителите со оштетен вид, како и на користење напредни, интерактивни технологии во постојаната музејска поставка.
Со втората група активности, со поддржување на заедничките активности и размена на знаење и вештини меѓу експертите и младите студенти – идни конзерватори, ќе се овозможи долготрајна соработка во доменот на заштитата на културното наследство меѓу двете земји. Предвидени се следниве активности: изградба на пристапна патека до црквата „Св. Богородица“ на островот Мал Град, во Албанија; заедничка конзервација на црквата „Св. Богородица“ со учество на конзерватори од двете земји; одржување Летна школа за конзервација на културно наследство, наменета за студенти по современа уметност од двете земји; размена на тематски изложби на различни сегменти од културното наследство меѓу институциите во прекуграничниот регион.
Во третиот сегмент на проектните активности ќе се работи на формирање простори за туристи и патници во општините Битола и Пустец, посветени на креативноста, традицијата, претприемништвото и вмрежувањето, а со цел унапредување на туристичките услуги и производи во прекуграничниот регион.
Ќе бидат преземени зафати за: реконструкција на постојниот објект во дворот на Офицерски дом во Битола и формирање на „Пит стоп парк“ – Битола како простор за туристи и патувачи; реконтрукција на пристапната патека до Музејот на Стерјо Спасе и поставување „пловечко“ пристаниште во с. Глобочани, Пустец; реализација на неколку прекугранични програми за поттикнување на туризмот.
Овој проект претставува своевидно продолжение и надградба на културните и, наедно, туристички капацитети, но и продолжување на партнерството во проектот „SMART-CUL-TOUR“, што беше реализиран претходно.