Северниот дел во Косово продолжува да биде блокиран како резултат на поставувањето барикади од локалните Срби. Овие барикади се поставени веќе 17 дена и не се знае кога ќе бидат отстранети.
Покрај поставувањето барикади, потврдени се и истрели во правец на косовската полиција и ЕУЛЕКС.
Во меѓувреме, синоќа беше потврдено дека пукотници биле испукани во близина на патролата на КФОР во Зубин Поток.
КФОР го потврди инцидентот со пукањето.
„Можеме да потврдиме дека пред неколку часа патрола на КФОР додека била на должност во околината на Зубин Поток слушнала и видела неколку истрели во близина. Нема повредени и нема материјална штета. Ние ги спроведуваме истрагите и штом ќе завршат ќе бидете известени“, се вели во нивниот одговор, пренесуваат косовските медиуми.
Од друга страна, косовската полиција ги демантираше пишувањата на српските медиуми, велејќи дека не учествувала во никаква размена на оган против ниту една група и не била вклучена во никаква размена.
Веднаш по оваа вест реагираше и министерот за внатрешни работи Џелал Свечла кој рече дека тоа се игрите на Вучиќ и неговите „криминални инструменти“.
„Првично изјавија дека во Зубин Поток имало вооружени судири иницирани од косовската полиција и нејзините специјални единици. Но, кога сфатија дека криминалните банди поддржани од него го нападнаа КФОР, сакаат да ги демантираат сите напади“, напиша министерот.
Во меѓувреме, шефот на кабинетот на претседателот, Вјоса Османи, Блерим Вела на социјалната мрежа „Твитер“ изјави дека овие медиуми, кои се про-режим на Вучиќ, се обидуваат да поттикнат тензии.
„Косовската полиција не е вмешана на ниту едно место на злосторство. Српските илегални и криминални структури пукаат со оружје“, рече меѓу другото Вела.
Потсетуваме, барикадите беа поставени поради апсењето на поранешниот српски полицаец Дејан Пантиќ.
На Пантиќ му е одредена мерка притвор бидејќи е осомничен за „терористички акти“.
Во меѓувреме, што се однесува до отстранувањето на барикадите, лидерите на Србите бараат ослободување на поранешниот полицаец Пантиќ.
САД и ЕУ побараа веднаш да се отстранат барикадите и страните да седнат на дијалог.
Засега не е даден датум кога ќе се отстранат барикадите, но она што е познато е дека премиерот на Косово Албин Курти изјави дека не можат долго да чекаат за нивно отстранување.
Н. А. / ЦИВИЛ Медиа