Републиканецот Кевин Мекарти вечерва не успеа да добие доволно гласови од конгресмените за да стане нов претседател на долниот дом на американскиот Конгрес – Претставничкиот дом, јави Би-Би-Си.
Мекарти за оваа позиција беше номиниран од неговата опозициска партија – која сега има мнозинство во Претставничкиот дом – но на вечерашната прва седница на Долниот дом на Конгресот, тој не доби доволно гласови, поради противењето на екстремно десничарската фракција на републиканците, собрани во малата пратенички група Слобода.
Иако, како што наведува Би-Би-Си, Мекарти во последен момент направил некои отстапки на екстремната републиканска десница, тие сепак одбиле да го поддржат, па тој освоил само 203 гласа, наспроти 218-те неопходни за да биде избран за претседател.
Ова е првпат во 100 години партијата со мнозинство во некој дом на Конгресот да не успее да го избере претседателот на тој дом во првиот круг на гласање.
Макарти требаше да ја замени претставничката на владејачката Демократска партија, Ненси Пелоси, на чело на Претставничкиот дом, а таа позиција е една од најважните во американската политика – како и функцијата претседател на Горниот дом на Конгресот – Сенатот.
Бидејќи претседателот не е избран во првиот круг на гласање, постои можност за одложување, но за тоа се потребни 218 гласа, а не е сигурно дека членовите на американската Демократска партија на кој било начин ќе им помогнат на републиканците дури и во тоа.
Пред точно еден век, во 1923 година, по девет круга гласање беше избран претседател на Претставничкиот дом и немаше одлагање. Ситуацијата беше уште полоша во 1869 година, кога имало 60 гласања во текот на два месеца.
Нема јасни правила за тоа што ќе прави Претставничкиот дом доколку не биде избран претседателот. Конгресот може да ја прекине својата работа, а може и да продолжи со гласање.
Сепак, Претставничкиот дом не може да функционира додека не заврши гласањето за неговиот претседател, што значи дека другите членови на Долниот дом на Конгресот не можат да положат заклетва.
Контролата на Сенатот сè уште ја има Демократската партија на САД, која го зголеми своето минимално мнозинство за едно сенаторско место на последните меѓуизбори. Таа го загуби мнозинството во Претставничкиот дом, но мнозинството на Републиканската партија е многу тесно.