Овогодинешното мапирање на ИТ индустријата уште еднаш покажа дека и оваа индустрија има сериозен проблем во поглед на родовата еднаквост. Проблемот е видлив во застапеноста на жените во ИТ индустријата, како и во примањата, a особено очигледни се разликите на сениорските и менаџерските позиции помеѓу жените и мажите.
Инспирирани од горенаведеното, тимот на IТ.mk профилираа 10 жени од Македонија кои работат активно во ИТ индустријата, имаат одлични резултати во изминатава 2022 година и кои можат да служат како инспирација и мотивација за сите.
При изборот, покрај истражувањето на IТ.mk, тие се консултирале и со Women in Tech Macedonia, Startup Macedonia и GEA и од сите нив дополнително побарале и добиле листа на номинации. Финалниот изборот на оваа листа, како што нагласуваат, е направен исклучиво од страна на редакцијата на IT.mk и резултатите се презентирани без некој посебен редослед.
Светлана Кордумова
Founder и CEO @ Pixyle.ai
Таа има докторат во мултимедија и вештачка интелигенција од Универзитетот во Амстердам, а била и вонреден доцент на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Кариерата ја има започнато како практикант во Philips Innovation Services во Холандија, а првото работно искуство во ИТ индустријата го има како софтвер инженер во Seavus.
Делфина Јовановска
Messages iOS Engineer @ Apple
Делфина има дипломирано на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, а магистратура завршува на Ohio University каде што работи и 2 години како асистент за програмирање во C. Првата пракса во индустријата, Делфина ја има во 2008-ма година во Seavus каде 4 месеци работи како практикант за развој на софтвер. Интересен факт е дека Делфина е сестра на Славе Јовановски, кој веќе 14 години работи во Google.
Марија Најдова
Core Engineer @ MUI.com
Кариерата ја започнува како практикант во Македонски телеком и како софверски инженер во неколку македонски компании како DDNT, EDS, S&T. Марија има дипломирано на ФИНКИ со просек 9.77.
Александра Митревска
Co-Founder & COO @ Native Teams
Александра е совршен пример дека за да успееш во онлајн и ИТ светот не е задолжително да имаш инжинерско знаење. Таа има дипломирано англиски јазик и литература на Филолошки факултет, а 2 ипол години има работено во англиски стартап сличен на Native Teams пред да се одлучи сама да креира таков.
Нина Геометриева
Sr. Product Designer @ Instagram
Нејзината кариера како дизајнер започнува во 2012-та во Invideous Limited во Скопје, потоа во агенција во Виена, па година дена да работи фриленс, пред да се вработи како дизајнер во ZenDesk во Сингапур, каде што по скоро година ќе премине како Design Lead во Paktor и потоа во Grab, уште еден голем стартап во Сингапур. Од 2017-та се вработува како продукт дизајнер во Google во Сингапур, пред да се релоцира во Google Јапан каде 2 години ќе работи на Google Maps.
п.с. Ние Нина ја памтиме и како автор на IT.mk пред да ја започне својата дизајн кариера. 🙂
Моника Симјановска
Професор доцент @ ФИНКИ
Моника има дипломирано на ФИНКИ во 2012-та година, а магистрира во полето на интелигентни системи и биоинформатика година подоцна, за да докторатот го одбрани во 2019-та година. Како академски истражувач Моника има учествувано во повеќе од 70 објавени научни трудови, има остварено и научни престои во Словенија, Франција и Ирска.
Елена Икономовска
Co-Founder и Chief AI Officer @ Mnemonic
Елена има дипломирано со почести во 2006-та година на универзитетот Св. Кирил и Методиј, магистрира во машинско учење и обработка на податоци исто со почести на ФЕИТ, а докторира на универзитетот Јожев Стефан во Љубљана во 2012-та. Кариерата ја започнува во академскиот сектор работејќи во Македонија, Португалија, Белгија, Холандија, САД – каде што во 2012 ќе работи и во Google, по што ќе премине во ИТ индустријата работејќи во Reddit (2015-16), Nuntio Labs (2016-18), Change.org (2018-21)… пред да го основа Mnemonic во август 2021.
Калина Трајаноска
Co-Founder и CEO @ Концептива
Калина својата кариера ја започнува во 2015-та во Artistika како Full Stack инженер, кој како и сите талентирани млади ИТ инженери – влегува во индустријата пред да ја заврши дипломската, која Калина ја комплетираше пред некој месец на ФИНКИ. По поминати 4 години работа во Artistika, Калина од јануари, 2020 се дедицира на развој на продуктот Coach во кој активно се справува со сите ИТ предизвици и иновации на модерен софтвер како развој за мобилни апликации, искористување на Unity, скалирање во cloud средина, развој со GPT-3 и сл.
Катерина Трајчевска
Co-founder и CEO @ Адева
Катерина, заедно со својот сопруг Тошо Трајанов, е ко-основач на Adeva, ИТ компанија фокусирана на градење на дистрибуирани ИТ тимови која сега има стотина вработени и соработници ширум светот и претставништво во САД.
Елена Миовска
Engineering Lead @ Mynd
Пред Mynd, Елена работеше како сениор софтвер инженер во IBM повеќе од 2 години, работејќи на NLP (Natural Language Processing) и други когнитивни проекти поврзани со Watson Supply Chain nsights. Елена има дипломирано со просек 9.65 на ФИНКИ во 2015-та година, a кариерата ја започнува како практикант во T-Mobile во 2013-та година, каде што по поминати 2 месеци пракса, се вработува во DDNT како софтвер девелопер, пред да премине во демонстратор на ФИНКИ, па потоа на позиција јуниор Java девелопер во S&T, за од 2016-та до 2019-та работи како Team Lead во Musala Soft.
Извор: IT.mk