Над 430 милиони евра нови инвестиции и над 2 000 нови работни места само за една година – со овие бројки ја заокружуваме најдобрата година до сега од постоењето на технолошко-индустриските развојни зони. Веќе во октомври ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година, вели во интервју за МИА директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
Деспотовски нагласува дека годинава ја почнуваме со нова инвестиција од Северна Америка, што ќе биде лоцирана во ТИРЗ Штип и ќе донесе близу 2 000 нови работни места, а почетокот на производството е планирано за крајот на 2023 година. Деталите за американската инвестиција, најавува, ќе бидат соопштени за десетина дена, и од менаџментот на компанијата и од Владата,
-И, секако, не застануваме тука. Како што спомнав и на претходното прашање, веќе година дена работиме на преговори со американско – тајванска компанија, каде во конкуренцијата се соседна Србија, но и НР Кина. Очекувам дека за еден – два месеца ќе имаме добри вести и ќе ја имаме следната најголема инвестиција во постоењето на ТИРЗ, овојпат над 200 милиони евра и близу 4 000 нови работни места, истакнува директорот.
Тој открива и дека има преговори за новата високотехнолошка зона Скопје 3.
Деспотовски дава оценка за изминатата 2022 година, се осврнува на кризата, платите во зоните, потребите од квалификуван кадар
-Очекувам дека првичната цел што си ја поставивме, а тоа е една милијарда евра нови инвестиции во зоните до крајот на мандатот во 2024-та, да ја постигнеме оваа година, заклучува Деспотовски.
Директоре, со колку нови странски инвестиции во зоните ја заокруживме 2022 година и со колку нови вработувања?
Над 430 милиони евра нови инвестиции и над 2 000 нови работни места само за една година – со овие бројки ја заокружуваме најдобрата година до сега од постоењето на технолошко-индустриските развојни зони. Веќе во октомври ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година.
Но, она што посебно ме радува е тоа што само во изминативе две години се отворени над 3 500 нови работни места, а од 2017 година до денес бројката е + 10.000. Тоа се 160 проценти повеќе работни места од оствареното во периодот 2007 – 2016 година. Тоа се 10 000 наши сограѓани, семејства, соседи, пријатели кои добиле можност да остварат пристојна живеачка дома. Платите растат и прв пат во 2021 ги надминаа просечните во целата економија. Оваа година, иако податоците треба да се сумираат со завршните сметки, очекувам раст на нето платата од најмалку 15 отсто, а многу веројатно дека растот е и поголем.
И ова не е успех само за ТИРЗ, Владата или за Јован Деспотовски, туку е нешто што треба сите да не радува. Мојата политика е дека на луѓето им се потребни конкретни, видливи резултати. Мавтање со политики, ветувања, стратегии и слично не плаќаат сметки дома, не покриваат трошоци за пристојно образование и здравство, ниту стават храна на маса.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат странските инвеститори во овој приод на криза и што прави Дирекцијата во насока на нивно надминување?
Енергетската криза несомнено е најголемиот предизвик со кој се соочуваат компаниите, не само овде, туку и глобално. Сепак нашите анализи покажуваат дека компаниите во зоните добро го амортизираат ударот од глобалните случувања. Така на пример кај 70 проценти од нив имаме регистрирано зголемен увоз во однос на истиот период лани, како и зголемување на бројот на работни места. И покрај тоа работиме на мерки со кои на компаниите им овозможивме да постават фотонапонски централи и струјата да ја користат за сопствени потреби, а наскоро ќе излеземе и со предлог како да се искористи вишокот струја во системот.
Дополнително разработивме целосно нова методологија за доделување државна помош, каде во преден план не е само интересот на инвеститорите, туку и повратот за државата односно општеството со која дополнително се прецизира делот поврзан со државната помош. Воведовме јасни правила на игра и отворени карти. Така ја добиваме довербата на инвеститорите и тоа јасно се покажа во изминативе две години. Впрочем, 2022 ќе остане одбележана и како година во која го постигнавме најголемиот договор за странска инвестиција во ТИРЗ воопшто. Со германската фармацевтска компанија Гересхајмер постигавме договор од над 130 милиони евра, и тоа само во една фаза.
Она што е ново во 2023 е целосно нов концепт на функционирање на Дирекцијата со интегрирање и на други институции во државата кои треба да креираат една влезна точка за државна поддршка за сите средни и големи компании, без разлика од каде доаѓа капиталот и каде се лоцирани. Така наскоро Агенцијата за странски инвестиции ќе се интегрира во Дирекцијата за ТИРЗ и ќе се креира една влезна точка за средните и големите компании, странски и домашни. Вистински Национален инвестициски сервис. Тоа ќе ни даде поголем простор за игра и обезбедување подобри услови и услуги за инвестициите, не само странски туку и домашни. Целта е на територија на целата земја да го пресликаме успешниот концепт на зоните.
Колкави се платите во зоните и кубурат ли фирмите со квалификуван кадар?
Првичните анализи покажуваат раст на платите од најмалку 15 отсто кај компаниите во зоните споредено со лани како и дека годинава ќе бидат над државниот просек. Повисоки плати беше една од првите цели што си ги поставив и лично за мене најголем успех е тоа што успеавме да наметнеме повисоките плати за нашите сограѓани да бидат клучен сегмент во инвестициските планови на идните странски инвеститори со што дефинитивно го напуштивме концептот на евтина работна сила.
Проблемот со кадар кој им е потребен на компаниите не е само кај нас. Затоа постојано повторувам дека мора да сфатиме оти како мала држава имаме ограничени ресурси, не од аспект на финансии или земјиште, туку од аспект на луѓе. Затоа мора да вложуваме во интелектуалниот потенцијал, особено на младите и да им отвориме можности да напредуваат овде. Свесни сме дека мора да работиме за да ги задржиме дома, бидејќи тие ќе ја движат оваа држава напред. Тука имаме толку паметни млади луѓе на кои преку работа во високо напредни технолошки компании треба да им понудиме можност да го капитализираат интелектуалниот потенцијал.
Затоа вложуваме во програми за обука. Минатата година воведовме нова мерка со која државата им покрива до 50 проценти од трошоците на компаниите за обука или доедукација на соодветен кадар и оваа мерка веќе ја користат добар дел од постојните, но и новите компании со кои потпишуваме договори.
Кои се проекциите за 2023 година во однос на инвестициите?
Имаме значително зголемен интерес кај инвеститорите, не само странски туку и домашни. Само во моментов во ТИРЗ сме во фаза на понапредни преговори за инвестиции над 500 милиони евра. Преку Законот за стратешки инвестиции работиме на инвестицијата на грчки „Митилинеос“ во делот на енергетиката, која тежи над 200 милиони евра.
Но, она што е уште позначајно е дека се повеќе се отвораме и кон домашните компании, бидејќи кај нив лежи голем инвестициски потенцијал. Наскоро во зоните ќе инвестира и голема македонска компанија што верувам дека сигурно ќе поттикне серија инвестиции од домашните компании. Од декември во владина процедура се и измени на Законот за индистриски и зелени зони, со кои бројот на компании корисници на зоните, во најголем дел домашни, ќе се зголеми значително. Целта е моделот и поддршката што до пред скоро беше ексклузивно право/привилегија на странските да ги ставиме на целосно располагање и на домашните компании.
Со сите овие активности, очекувам дека првичната цел што си ја поставивме, а тоа е една милијарда евра нови инвестиции во зоните до крајот на мандатот во 2024 да ја постигнеме веќе во оваа година.
Која ќе биде првата нова странска инвестиција во 2023-та и ако може да ни откриете во која зона?
Оваа, 2023 година ја почнуваме со нова инвестиција од Северна Америка, што ќе биде лоцирана во ТИРЗ Штип. Ова го ветивме на нашите сограѓани од Источниот регион некаде на средината на 2022 година, а на крајот на декември успешно ги завршивме преговорите. Новата инвестиција ќе донесе близу 2.000 нови работни места, а почетокот на производството е планирано веќе за крајот на 2023 година.
За десетина дена, со заедничко соопштение со менаџментот на компанијата и Владата ќе бидат соопштени сите детали за самата инвестиција.
И, секако, не застануваме тука. Како што спомнав и на претходното прашање, веќе година дена работиме на преговори со американско – тајванска компанија, каде во конкуренцијата се соседна Србија, но и НР Кина. Очекувам дека за еден – два месеца ќе имаме добри вести и ќе ја имаме следната најголема инвестиција во постоењето на ТИРЗ, овојпат над 200 милиони евра и близу 4 000 нови работни места.
Ако со германската „Гересхајмер“, земјава се стави на листата сериозни инвестициски дестинации, со новиот проект што го спомнав, оваа позиција дефинитивно се потврдува и се зајакнува.
Дали има некакви преговори за новата високотехнолошка зона Скопје 3?
Да. Само неколку месеци по промоцијата на концептот на високотехнолошка зона, добивме писмо за интерес од светски позната јапонска компанија во областа на електрониката. Предизвикот тука е голем, бидејќи ова е целосно нов концепт не само за нас, туку и за целиот регион. Целта е да донесеме компании кои ќе се фокусираат исклучиво на високи технологии кои носат високо платени работни места, особено за младите. Да им обезбедиме европски (глобални) услови овде дома за да не ги бараат надвор зад границите.