Легендарниот италијански фудбалер Џанлука Вијали почина денеска на 58-годишна возраст, пренесува „Гардијан“. Вијали боледуваше од рак на панкреасот, кој беше откриен во 2017 година, а тој беше подложен на два круга на хемотерапија.
Кон крајот на годината бил хоспитализиран во Лондон, бидејќи здравствената состојба му се влошила. Колку беше сериозна ситуацијата говори и податокот дека неговата 87-годишна мајка Марија Тереза тогаш од Кремона заминала во Лондон.
Фудбалската кариера Вијали ја започна во Кремонезе, каде играше од 1980 до 1984 година. Од Кремонезе замина во Сампдорија од каде во 1992 година се пресели во Јувентус, а четири години подоцна во Челси.
Со Сампдорија ја освои Серија А во 1991 година, како и три Купа на Италија, а во 1992 година играше и во финалето на Лигата на шампионите.
Со Јувентус го освои тогашниот Куп на УЕФА во 1993 година, а две години подоцна и двојната круна, а во 1996 година го крена и трофејот во Лигата на шампионите.
Играше за Челси како играч-менаџер до трофејот во Купот на победниците на куповите во 1998 година. Го освои Лига Купот, Суперкупот на Европа и ФА Купот.
Беше репрезентативец на Италија, а со „аѕурите“ освои бронзен медал на Светското првенство во 1990 година. Беше менаџер на Челси, а работеше и во стручниот штаб на италијанската репрезентација. Тој беше помошник на Роберто Манчини и заедно ја предводеа Италија до европската титула минатата година.