Извештајот на Судскиот совет од работната посета во Апелациониот суд – Скопје покажа дека судечкиот судија Енвер Беџети решавал нови предмети, а предметот „Таргет-Тврдина“, за кој Апелација ја укина пресудата и го ослободи Сашо Мијалков, го чувал во фиока.
Тања Чачарова-Илиевска, еден од членовите на Судскиот совет кој го испитуваше постапувањето на судиите, кажа дека нема оправдување што девет месеци не била донесена одлуката од страна на Апелација.
Според заклучокот од извештајот, станува збор за неразумно долг период во кој не било одлучувано за предмет кој бил итен.
-Работната група констатираше дека е изминат период од девет месеци од денот на завршување и одржување на јавна седница до донесување и објавување на одлуката 05.12.2022 година. Сметаме дека нема образложени причини за изминување на толку долг период од завршување на јавната седница до објавување на одлуката. Сметаме дека се создадени услови за евентуално застарување на оваа постапка, што е сериозна повреда, поради непочитување на роковите за донесување на одлуката. Побаравме објаснување од судијата известител. Како причини за оваа состојба беа наведени големиот број на предмети и тоа вообичаено тешки предмети од висок јавен интерес кој според АКМИС му биле распоредени на судијата известител. Тоа е видно и од уписникот, го проверивме. Неспорен е фактот дека месечната норма ја исполнувал, но она што го констатиравме дека од сите предмети што му биле распоредени во работа на судијата известител, единствено „Таргет-тврдина“ е незавршен предмет, појасни Чачарова-Илиевска.
Сашко Георгиев, зборувајќи за предметот, рече дека ваквото незапазување на роковите е недозволива ситуација, оценувајќи дека не може заради некое боледување или одмор одреден предмет да стои во фиоки со месеци.
-Слушнав во извештајот дека се спомнуваат боледување, отсуство, одмори, ангажираност по други предмети, намален број на судии, но станува збор за судии кои се должни да ги почитуваат законите, меѓу другите точно е наведено со конкретни рокови кога се прима предметот, кога се заседава, значи сметам дека во овој дел од за мене чудни причини не може скоро 9 месеци да немаме одлука, а сега имаме одговор дека тие заседавале со конкретни датуми, меѓу другото имаме настани кога на повеќе седници тие дискутирале па поради некакви отсуства на дел од колегите, сето ова колеги според мене е симптамично односно согласно законот недозволиво, потенцира тој.
Сите судии кои одлучувале по овој предмет, имале мандат и немало пензиониран судија во моментот на донесување на одлуката.