Говорејќи за политичките партии и меѓуетничките односи, поранешниот заменик министер за образование Петар Атанасов, на конференцијата „Различностите – благодат или проклетство“ во организација на Цивил, кажа дека круцијална работа во моментов која би довела до големи промени е да се одземе национализмот на политичките партии.
„Замислете во претседателството на ДУИ и во претседателството на ВМРО-ДПМНЕ да им внесете во ДУИ еден од ВМРО Македонец, на двочасовен состанок на кој ќе се одлучува за значајни работи и кај ВМРО-ДПМНЕ еден Албанец во нивните органи , којшто е образован и политички поткован. Нека го примат кога Мицкоски ќе зборува за меѓуетничките односи. Ако ова успееме да им го одземеме, ние ќе направиме општество и држава за сите“, рече Атанасов.
Тој се осврна и на стратегијата „Едно општество за сите“ и рече дека во неа се вклучил поради три клучни фактора.
„Имаше лидерство, кое прифати ваков процес. Второ, имаше импулс од општеството. Општеството бараше промена. Импулсите се чувствуваа на кожа кога ќе излезете по улиците. Народот сакаше нешто ново, сакаше различно, се умори од авторитарноста на Никола Груевски и трето што е многу специфично и круцијално за создавање на таа стратегија, е што се пронајдовме луѓе внатре од институциите. Имавме сила, желба и енергија за да создадеме нешто“, рече Атанасов.
Според него овие три фактори придонеле да се случи за денеска за други теми да се разговара.