Германскиот канцелар Олаф Шолц ќе се обиде многу брзо да именува нов министер за одбрана, изјави неговата портпаролка, откако претходно денеска актуелната министерка Кристин Ламбрехт поднесе оставка, јави германската новинска агенција ДПА.
– Канцеларот ја почитува одлуката на Ламбрехт и ѝ се заблагодарува за добрата работа што ја заврши како министерка за одбрана во овие тешки и предизвикувачки времиња, изјави портпаролката Кристијане Хофман.
Портпаролката прашана дали на функцијата ќе биде назначен маж или жена, Хофман истакна дека родовата еднаквост е важна во Владата на Шолц.
Висок претставник на германската опозициска Христијанско-демократска унија побара брзо именување нов министер за одбрана. Генералниот секретар на ЦДУ, Марио Чаја изјави дека опозицијата очекува канцеларот да биде подготвен со решение за тоа прашање.
– Сега итно ни треба јасност и компетентност на Бундесверот. Важно е германската армија да знае кој ја води. Неопходно е брзо наследување поради претстојните проекти за оружје и поради можните испораки на тенкови во Украина, посочи Чаја.
Ламбрехт денеска поднесе оставка до канцеларот Шолц.
– Фокусирањето на медиумите на мојата личност веќе неколку месеци не дозволува воспоставување односи и објективни разговори за војниците, Бундесверот и насоката на безбедносната политика во интерес на германските граѓани, истакна Ламбрехт.
Ламбрехт (57) беше министерка за одбрана од назначувањето на Шолц како канцелар во декември 2021 година