Градоначалникот на Општина Карпош и членот на Извршниот одбор на СДСМ, Стефан Богоев од денеска учествува на форумските сесии во рамки на Националниот молитвен појадок во Вашингтон (САД).
Богоев беше дел од панел дискусијата за млади. На овој форум учествуваа поголем број на млади и истакнати личности, од различни земји, ангажирани во различни области од општествено – политичкото живеење. Тие говореа за улогата на младите во општеството, шансите кои ги нуди средината, но и постојаната потреба од учење и развивање на вештините.
Богоев истакнал дека со мирното решавање на деценискиот спор меѓу Македонија и Грција се отворија повеќе можности за соработка меѓу младите луѓе во регионот. На почетокот на оваа година, Собранието го донесе и Законот за младинско учество и младински политики, со што се дефинира категоријата млади (од 15 до 29 години). Во националниот буџет младите ќе бидат застапени со средства во висина од најмалку 0,3 %, а во локалните со 0,1 %.
Во рамки на првиот ден од Националниот молитвен појадок се обратија и повеќе конгресмени и сенатори. Меѓу главните говорници беше и претседателот на Кенија, Ухуру Кенијата, кој зборуваше на тема помирување и соработка.
Изминативе денови, Богоев оствари и средби со претставници од Националниот демократски институт (NDI) и Меѓународниот републикански институт (IRI). На средбите се разговарало за евроатлантските перспективи на нашата земја, последните чекори за полноправно членство во НАТО и стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД.