Регионалната воена управа на Доњецк на својот јутјуб профил објави видео на кое се прикажани последиците од ноќниот ракетен напад врз Краматорск каде на 1 февруари беше уништена четирикатна станбена зграда.
На видеото јасно се гледа размерот на уништувањето на станбениот блок од четири ката кој е уништен од руска ракета, без покрив со купишта оштетени градежни конструкции, руинирани тавани и многу камени блокови. Украинските медиуми објавија дека спасувачите отстраниле 85% од урнатините.
„85% од урнатините се отстранети, повеќе од 870 тони градежен шут се однесени“, објави Државната служба за итни случаи на Украина.
Спасувачите денес ја извлекоа четвртата жртва од под урнатините на станбената зграда, објави шефот на градската воена управа на Краматорск, Олександр Хончаренко, пренесува Укринформ.
„Спасувачите од под урнатините извлекоа тело на мртва жена“, напиша тој.
Како што веќе претходно соопштивме, непријателскиот ракетен напад врз Краматорск се случи во средата, каде според најновите информации загинаа четири лица, а 21 се повредени, од кои двајца се здобиле со тешки телесни повреди. Меѓу убиените се 47-годишната директорка на локалното училиште и нејзиниот 50-годишен сопруг, како и 61-годишна жена.
Исто така вчера, на 2 февруари, два руски проектили го погодија градот, при што беа повредени шест цивили, а беа оштетени и детска клиника и училиште.
Подготви: А. Р.