Отпочната е постапка за билбордите и светлечките реклами низ градот, не само пред Град Скопје, туку и пред судските инстанци и Комисијата за заштита на конкурентноста, бидејќи се утврдени прекршувања, изјави на денешната Седница на Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска, одговарајќи на советничко прашање.
– Што се однесува до Град Скопје соодветно ќе бидат покренати и постапки и тужби, најавено е раскинување со кое што сакаме да ја превенираме и штетноста која е предизвикана и се предизвикува од овој договор и соодветно низ институциите планираме да ја решиме, меѓутоа планираме и да го обесштетиме градот, односно оние средства за кои Градот и Буџетот се оштетени од овој договор, да се вратат, рече Арсовска.
Како што соопшти Град Скопје, Арсовска информира дека во изминатите три месеци екипи на терен ги детектирале овие билборди, а што се однесува до делот за преносот, тоа допрва ќе се утврдува и доколку има простор ќе има соодветна постапка.
– Ќе направиме се, она што го оштетувало буџетот да се вратат тие средства, бидејќи тие се средства на граѓаните и не се средства кои треба да одат во приватни џебови, додаде Арсовска.