Денеска во Белград, Република Србија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари билатерална средба со неговиот српски колега, министерот за внатрешни работи на Република Србија, Братислав Гашиќ, а по повод потпишување на Протоколот за начинот на извршување на гранични проверки на заедничкиот граничен премин „Лојане – Миратовац“.
Истакнувајќи го напредокот на меѓусебна соработка меѓу двете Министерства, како и пријателските добрососедски односи и партнерство, министерот Спасовски ја потенцираше интензивната соработка помеѓу двете Министерства за внатрешни работи.
„Во однос на билатералната стратешка и оперативна соработка помеѓу двете Министерства за внатрешни работи, можам да констатирам дека истата се реализира доста интензивно, како преку продуктивната договорна соработка, така и преку непосредни контакти на двете полициски служби, решавање на заеднички случаи, мешани патроли, вршење на гранични проверки и воопшто преку спроведување на заемна партнерска полициска соработка, придонесувајќи на тој начин за зачувување на безбедноста и стабилноста во двете држави и во регионот”, рече министерот Спасовски.
Во однос на безбедносната состојба на државните граници, министерот Спасовски информираше дека истата е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период, а во таа насока во текот на 2022 година забележан е тренд на зголемување за 31,22% на обидите за илегални преминувања со спречени 27.391 обиди, а истиот тренд продолжи и во јануари годинава.
„Во оваа прилика би сакал да изразам голема благодарност за постојаниот придонес на МВР на Република Србија со испраќањето полициски службеници кои учествуваат во Заедничката операција за засилен надзор на јужната граница, што значително придонесува во зајакнување на капацитетите во борбата против илегалната миграција, што е од непроценлива важност за нашата земја со оглед на притисокот со кој се соочуваме на јужната граница. Можам да пренесам само пофални зборови за соработката со српските колеги, кои се присутни на нашата јужна граница и кои преку своето искуство, знаење и утврдени практики на работење, придонесуваат кон развивање на капацитетите на македонската гранична полиција”, истакна министерот Спасовски.
На крајот од средбата, министерот Спасовски се заблагодари за топлиот пречек, истакнувајќи го значењето од денешното потпишување на Протоколот за начинот на извршување на гранични проверки на заедничкиот граничен премин „Лојане – Миратовац“, со уверување за продлабочување на соработката.
„Иако македонските и српските гранични служби, традиционално веќе подолго време заеднички соработуваат, со овој Протокол ќе придонесеме во подетално уредување на начинот на извршување на граничните проверки на овој заеднички граничен премин. Уште еднаш во мое лично име и во име на мојата делегација, се заблагодарувам на укажаната чест за средба со Вас и нашето заедничко потпишување на Протоколот”, истакна министерот Спасовски.
Министерот за внатрешни работи на Република Србија, Братислав Гашиќ, ја истакна традиционално добрата соработка помеѓу двете Министерства за внатрешни работи, со уверување дека тој тренд ќе продолжи. Тој ја потенцираше важноста од соработка во борбата против организираниот криминал и нагласи дека за нејзина успешност неопходни се брза размена на информации и заедничка соработка помеѓу двете полиции.
Министрите Гашиќ и Спасовски истакнаа дека граничните служби на двете земји традиционално добро соработуваат и дека потпишаниот Протокол ќе придонесе за детално уредување на начинот на извршување на граничните проверки на овој заеднички премин а соработката ќе ја зајакне и направи поефикасна.