После инцидентот во Охрид и претепувањето на генсекот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, се влошија донекаде „мирните“ односи меѓу Македонија и Бугарија.
Во меѓувреме Пендиков беше земен со бугарски државен авион на лекување во Софија, по што официјална Софија му даде бесплатно сместување, финансиски средства и обезбедување, откако беше обеледенето дека тој добива закани и според него, во моментов е ризично да се врати во земјата каде што е роден.
Охридскиот Основен суд за 28 февруари го закажа првото рочиште против лицето кое е обвинето за нападот врз Пендиков, со што се очекува разврска на настанот кој ги подгреа тензиите меѓу двете соседни земји.
Побаравме мислење од дел од европарламентарците и што мислат во Брисел за ваквиот развој на настаните. Словенечката европратеничка со македонско потекло Ирена Јовева во разговор за „Локално“ вели дека внимателно ги следат настаните.
-Можам само да кажам дека тензиите и политизирањето на настаните од ваков вид носат повеќе штета отколку корист. Инцидентот треба да се осуди, а сторителите да се фатат и изведат пред лицето на правдата. Само така може да се покаже дека нема простор за омраза кон никого во едно општество, ни кажа Јовева.
Според нејзиното видување, важно е што по инцидентот во Охрид, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи се сретна со високиот претставник Жозеп Борел и го увери дека одговорните за нападот ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
-Ова треба да се гледа како тежок несреќен инцидент, но не треба да ги подгрева етнонационалистичките тензии и не треба да биде злоупотребуван од националистичките политичари за дополнително ескалирање на ситуацијата меѓу народот, децидна е европратеничката.
Таа жали што односите меѓу земјите неодамна се влошија, но стои цврсто позади ставот дека секој инцидент, кој е изолиран, не треба да се користи за политички цели и да се инструментализира за ширење омраза, недоверба и етнички тензии.
Целиот разговор на следниот линк!