Професорот и експерт за безбедносни прашања, Александар Нацев во разговор за „Локално“ истакнува дека фактот што скоро е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, е навистина сериозно прашање за кое мора да се најде решение, со цел да се смири населението.
-Време е некој од раководителите на безбедносниот сектор да излезе со кредибилна и одржана изјава за она што се случува и за потенцијално решение. Заканите може да доаѓаат од различни извори и во моментов е тешко да се детектира точната цел на оној кој стои позади ова, затоа што се покажа дека сите закани се лажни, а не видовме и некое соопштение до медиумите од лажниот бомбаш, некаков вид манифест или листа со барања, порачува Нацев.
Според него, треба да се биде максимално свесен и да не се отрпнува на заканите за поставени експлозивни направи.
-Апсолутно треба да се одржи максимална будност кај јавноста и почитување на процедурите кои се утврдени за постапување во вакви ситуации и да се следат насоките од одговорните безбедносни органи. Работа на државните органи, меѓу кои со свои надлежности е и Центарот за управување со кризи (ЦУК) е да дадат максимум во своите заложби и работа за да се стави крај на оваа состојба која веќе трае предолго, вели Нацев во контекст на изјавата на првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој пред два дена во дебатна емисија изјави дека „луѓето ќе отрпнат“, додавајќи „сега да ми јават дека во зграда има дојава за бомба, нема да излезам, ќе гледам телевизија“.