Четири убиства, 58 телесни повреди, загрозување на безбедноста и кривично дело за присилба меѓу вкупно 106 кривични дела за семејно насилство евидентирани во месец јануари во МВР. Во оваа статистика на Министерството за внатрешни работи, во првиот месец од годинава, регистрирани се и 516 поплаки и 30 прекршоци по основ на семејно насилство, пишува НОВА.
Опсервирано по подрачја, од регистрираните кривични дела “убиство“, две се извршени на подрачје на Скопје, и по едно во Куманово и во Струмица, за што се пријавени четворица сторители и пет жртви.
Податоците што ги доби НоваТВ, се поразителни и покажуваат интензивирање и пораст на семејното насилство. Освен спорадичините ангажмани на граѓанските организации кои работат на подигнување на свеста за оваа проблематика, повиканите институции се чини се затекнати. Институциите постапуваат според своите надлежности но проблемот се влошува. Кога станува збор пак за фемицидите и жените кои трпат семејно насилство, свеста е уште на ниско ниво, постои страв од двојна виктимизација на жртвите и преовладува ставот „сама си го барала“.
Споредбено со Шпанија која за истиот месец (јануари) бележеше 6 убиства на жени во семејно насилство, државата свика итен состанок со експерти од оваа област и беа организирани спонтани протести за поддршка на жртвите.
Статистиката и кај нас вели дека најголем број од жртвите се жени, а сторителите се најчесто мажи. Како што неофицијално ни потврдија од МВР во најголем број од случаите насилниците се психички нестабилни лица кои веројатно требале да побараат психијатриско лекување. Од таму велат дека нивната надлежност во постапката е да постапат по пријавите а натаму случаите се спроведуваат во Обвинителството и социјалните служби.