За новото постапувањето по однос на лажните закани за бомби се работеше заедно во дискусија со експерти во оперативниот тим, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во ТВ 24.
– Ние како МВР го донесовме оперативниот план, тоа е класифициран документ, на него работевме заедно со МОН. Веќе имаме координација и тоа што е важно за менаџерите на образовните институции е дека тие се запознаени со главните нешта. Ние еве и сега имаме полицајци по училиштата, граѓаните треба да се чувствуваат безбедно. Важно е да не се злоупотребува процесот. Имаме партии кои бараа полиција да има 24 часа во училиштата, а во петокот кога донесовме ново упатство велат дека не треба да има полиција во училиштата. Тоа фрла еден нов сомнеж, но не сакам ова да се политизира. Важно е да имаме процес што добро се менаџира и во иднина да немаме прекин на наставата, рече Спасовски.
Според него, наставата е непрекината и постапувањата се согласно фактичката состојба на терен.
-Важна е безбедноста на учениците и спокојот на граѓаните. Ако имаме дојави се цени ризикот од дојавата и врз основа на тоа ќе имаме постапување. Постапувањето ќе биде во секој случај, кажа министерот.
Тој додаде дека во позадина се геостратешки причини, бизнис или политички интереси и во тие рамки се водат анализите на безбедносните служби.