Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Малая пехотная лопата, МПЛ-50, во превод – мала пешадиска лопата, е креација на данскиот војник Мадс Јохан Бух Линеман во 1869 година. Тој својот изум го патентира во 1870 година. Лопатата се употребувала во армиите на Австрија, Германија, Франција, Романија и Русија (подоцна Советски Сојуз).
Лопатата има вкупна должина од 50 сантиметри и е направена од челик, додека рачката е дрвена. Лопатата е широка 15, а долга 18 сантиметри. Рабовите се изострени, најчесто на едната страна, така што може да служи и како секира. Добро е балансирана, така што може да употреби и како копје. Во 19-от век, иако војувањето забрзано се модернизира, сепак, пешадијата често ја користи оваа лопата, како дополнително средство или како оружје за борба гради в гради.
Главната намена на МПЛ-50 е да му помогнат на војникот да ископа дупка или насип за да се заштити од непријателскиот оган. Зависно од теренските услови и од кондицијата на војникот, пресметано е дека со оваа лопата може да се ископа до половина кубен метар земја за еден час. Но уште на самиот почеток, кога била ставена во употреба во 19 век, таа воедно служи и како оружје за борба гради в гради. Се користи и како тава за готвење, чекан, весло или средство за мерење должина.
Зошто ви пишувам за малата пешадиска лопата од 19-от век? Причината е морничава.
Токму оваа лопата, МПЛ-50, што како помошно средство ја користеле неколку европски армии во 19 век, денес се главното оружје на дел од руските војници во првите редови во борбите во украински Бахмут.
Според разузнавачкиот извештај на британското министерство за одбрана, објавено на 5 март, руските војници, свежо регрутирани за војната против Украина, имаат наредба во борбите да ги користат војничките лопати МПЛ-50. Причината, како што велат Британците, е дека Русија веќе нема доволно муниција да им даде на своите војници.
Во Русија постои мит за овие лопати, дека се посебно смртоносни. Всушност се работи за начин на војување од 19-от век, брутален и крвав, каков што наметнуваат Русите во текот на целото војување против Украина. Според извештајот, руските гуштери (регрути) кажале дека не биле подготвени за овој начин на војување, „ни физички, ни психички“. Затоа и гинат во огромен број, секојдневно.
Едно нешто имаат Русите во изобилство – топовско месо. Ни малку не се загрижени за количествата на месо и коски што ќе ги остават во битката за Бахмут. Луѓето што ги испраќаат на фронтот, за нив немаат вредност. Од војната против Наполеон до Втората светска војна, па сè до денешен ден, руската воена тактика не се променила. Безбројни човечки животи се фрлаат во оган како да се стари партали.
Учесници на Сремскиот фронт во Втората светска војна, сведочат за тоа дека во првите редови на Црвената Армија, во јуриш се испраќале неискусни регрути, недоволно вооружени или дури и без оружје. Тие што немале оружје го земале оружјето од своите паднати соборци. Но тоа не е крај на морбидната тактика. Во вториот ред на фронтот се тие што се задолжени да пукаат во тие од првите редови ако заостанат или ако сакаат да се повлечат. Тоа биле специјалните единици од Народен комесаријат за внатрешни работи на СССР.
Во денешно време, таа улога, по линијата на фронтовите во Украина, ја преземаат злосторничките единици на Федералната служба за безбедност (ФСБ) и Групата Вагнер.
Суровите руски воени стратези знаат дека, на овој начин, можат да го извлечат на површина ѕверското кај своите војници. Соочени со избор, да одат само напред, со минимални шанси да преживеат, тие немаат друг избор, освен да се борат за да преживеат. Во тоа нема никаква храброст или доблест – само примордијален нагон – да се преживее. Тука исчезнува сè што е човечко.