Денеска, на роденденот на Тарас Шевченко, 9 март, Амбасадата на Украина заедно со Украинското здружение „Лесја Украинка“ одржаа заеднички настан во Скопје, во чест на, како што велат во објавата од украинската амбасада „Големиот Кобзар, украинскиот национален идеолошки лидер“.
На почетокот на настанот, Амбасадорката на Украина Лариса Дир, меѓу другото, истакна:
„Тарас Шевченко, кој ги постави темелите на националниот идентитет, останува моќна сила која го храни нашиот отпор во оваа војна на Русија против Украина. Неговите зборови, кои ги разбира не само умот, туку и срцето, се хранлива енергија за секој Украинец; како за време на Мајдан, така и сега за време на отпорот против руските варвари.
Поемата на Тарас Шевченко „Молитва“ ги содржи следните стихови:
„Мене, Боже мој, на земјата
Подај ми љубов, срцев рај!
И ништо друго не ми давај!“
Љубовта кон своите деца, блиски, сиромашните – помага да се бориме, да ја заштитиме Украина и да преживееме. Срцевиот рај – ќе се избориме за него. Ќе се избориме за нашата Украина. Ќе го зачуваме правото на живот. Ќе се избориме“.
Во рамки на настанот, активисти на здружението читаа песни од Тарас Шевченко, исто така беа засадени цвеќиња околу споменикот на Тарас Шевченко, кој беше поставен во Скопје во 2009 година.
Тарас Шевченко е истакнат украински поет, романсиер, драматург, уметник, политички и јавен деец. Бил човек со универзални дарби и интереси. Целиот негов живот и дело му биле посветени на украинскиот народ. Поетот сонувал за времињата кога неговата Украина ќе биде независна суверена држава, кога во Украина ќе бидат почитувани украинскиот јазик, култура и историјата на народот, а луѓето ќе бидат среќни.
Роден е во скромно семејство на 9 март 1814 година во селото Моринци во Черкаската област. Рано останал сирак. Свештеник го описменил.
Во 1844 година, Шевченко дипломирал на Академијата за уметности. На 24 март 1847 година,бил уапсен поради неговото учество во активностите на Друштвото Кирил и Методиј и за неговата анти-самодржавна поезија е испратен во Орската тврдина на Оренбуршкиот посебен корпус со декрет од царот со кој му се забранува да пишува и слика.
Благодарение на напорите на неговите пријатели, Т. Шевченко бил вратен од прогонство во 1858 година. Му забраниле да живее трајно во Украина и му наредиле да се пресели во Москва. Десетгодишното прогонство, болестите довеле до прерана смрт на Тарас Шевченко на 10 март 1861 година. Прво бил погребан на Смоленските гробишта во Санкт Петербург, а во мај 1861 година неговата пепел била преместена на Чернечовата (сега Тарасовата) планина во близина на Канив (Украина).
Тарас Шевченко се смета за основоположник на модерната украинска литература, бидејќи тој ги поставил темелите на украинскиот национален идентитет и, во услови на отсуство на државност и политичка елита, одиграл водечка улога во процесите за градење на украинската нација.
Поезијата на Шевченко се состои од романтични балади и херојски поеми во кои тој создавал слика за Украина, како и филозофска лирика и предвидувања за идниот универзум. Книжевното наследство на Тарас Шевченко содржи 237 поетски дела (балади, поеми, елегии, медитативна, политичка и интимна лирика), 9 повести, Дневник и автобиографија, драма.
Тарас Шевченко е еден од најистакнатите мајстори на украинската ликовна уметност. Работел во областа на штафелајното сликарство, графиката, монументално-декоративното сликарство и скулптурата, ги владеел техниките на акварел, масло, офорт, цртање со молив и перо. Автор е на над илјада уметнички дела.
Уметникот создал портрети со акварел и масло, жанровски композиции, правел илустрации за различни публикации а се свртел кон гравирање. Шевченко создавал до крајот на неговите денови, постојано усовршувајќи се. Во последните години од животот станал истакнат мајстор на офорт и ја добил почесната титула академик на гравура.
Името Тарас Шевченко е познато низ целиот свет: негови споменици се поставени во многу земји, вклучително во градот Скопје, Република Северна Македонија.
Неговите дела се преведени на речиси сите јазици во светот, во Украина по него се именувани образовни институции, театри, плоштади, улици, места. Националната опера на Украина, Кијивскиот национален универзитет, централниот булевар на градот Кијив исто така го носат името на истакнатиот син на украинскиот народ – Тарас Шевченко.
Во раните 1990-ти години, тој бил симбол на национално-културната преродба. Во 2014 година неговиот лик беше на барикадите на Револуцијата на достоинството, а денес, во времето на бруталната руска воена агресија против Украина, Шевченко е симбол на Украинскиот идентитет и Нескршливост.
Фото: Украинска амбасада, книга «Тарас Шевченко. Вибрані вірші та поеми» (видавництво Київ «Либідь», 2004 р.) та книга «Тарас Шевченко – славний син Черкаської землі» (видавництво «Бізнес-стиль»).
Подготви: Ј. Ѓ.