В сабота, македонскиот туристички град Охрид ќе биде центарот на случувањата во Западен Балкан. Непомирливите Вучиќ и Курти, доаѓаат на рунда дијалог, зачинета со охридска пастрмка, но и со редовна доза предупредувачки пораки од Брисел и Вашингтон чии стратези ако досега не слушнале за Охрид, имаат два дена да го најдат на географската карта и преку google-earth да го спуштат погледот на претседателската вила „Билјана“ каде ќе се случува историската средба. Во улогата на секундант е никој друг туку лично Жозеп Борел, еврокомесарот за проширување и соседска политика и потпретседател на Европа. Тоа доволно говори за важноста на случувањата во туристичкиот главен град, но и за ролјата што ја доби Северна Македонија во окончувањето на еден од најголемите политички конфликти на Балканот кој е во зоната на интересот на врвната европска и американска политика.
Долгогодишниот новинар Бранко Ѓорѓевски, кој е еден од ретките новинари кој известуваше од лице место при преговорите за познатиот Кумановски договор со кој беше ставен крај на воздушните операции на НАТО во Србија во 1999, денес за НоваТВ оценувa дека Македонија и Охрид не се случајно избрани како локации за одржувањето на средбата Вучиќ – Курти.
„Македонија е место каде што се правени и потпишувани договори кои претставуваа излези од големи конфликти, од големи општествени проблеми. Такви беа Кумановскиот договор од 1999 година кога се стави крај на воениот конфликт на Косово, кога таму се случи целосното српско повлекување, Рамковниот договор од Охрид, Пржинскиот договор, Преспанската спогодба, Договорот со Бугарија…“, наведува Ѓорѓевски.
Меѓу последните историски договори што ги склучи Македонија е Преспанскиот договор со кој беше ставен крај на безмалку тридеценискиот спор со Грција за името на нашата држава. Тоа беше тежок компромис со кој од Македонија станавме Северна Македонија, што предизвика широко незадоволство, но од друга страна беше влезница на државата во НАТО токму во годините пред да се случи рускиот напад на Украина, што ја истакна важноста да се биде дел од најголемиот воено-политички сојуз. Договорот беше склучен во Нивици, Преспа, и според сите реакции од светот стана јавна меѓународна афирмација на триумфот на дијалогот над конфликтот.
Вториот пример е Рамковниот договор од 2001 година, постигнат токму во Охрид и кој го носи и името Охридски договор со кој беше ставен крај на вооружениот конфликт меѓу Албанците и безбедносните сили на Македонија, и со кој договор беа унапредени правата на албанската етничка заедница за користење на албанскиот јазик и за образование на нивниот мајчин јазик, како и нивната застапеност во државните и во локалните институции.
„Сите тие договори се тешки, носеа големи отстапки посебно од македонската страна, но донесоа мир, подобрување на состојбата во земјата и во регионот. Точно е, нивната имплементација оди тешко, се случуваат проблеми, уцени, различни читања, не се знае каде завршуваат обврските… но најважно е да се движи нивната примена, да нема нови конфликтни состојби и инциденти туку соработка и дијалог“, вели новинарот Ѓорѓевски.
Во сабота, како што изјави денес американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, нема да се потпише договор меѓу Вучиќ и Курти, но Вашингтон а и Брисел би сакале во Охрид да се признае дека Заедницата на српски општини во Косово е важен дел од односите меѓу Србија и Косово.
Одговарајќи на прашањето какви се шансите за постигнување одржлив договор и „што би се случило ако ништо не се случи во Охрид“, Ескобар рече дека не очекува да има „никакво потпишување“, но ќе се отвори патот за натамошен напредок.
„Не би се задржувал на негативните аспекти на тоа што би се случило доколку тоа не се случи, но би сакал да се фокусирам на можностите доколку одиме по тој пат, а тие можности ќе бидат многу позитивни за регионот“, рече Ескобар.
Посредникот во преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, пак, рече дека кога станува збор за претстојната средба со лидерите на Србија и на Косово во Охрид, „прифаќањето на европскиот предлог би било позитивна порака“, посочувајќи дека сега е неопходно да се фокусираат на спроведувањето на анексот, кој ќе биде главна тема на разговорите чиј домаќин е Охрид.
Лајчак дополни и дека за состанокот на Вучиќ и Курти во Охрид, ќе биде подготвена „нова консолидирана верзија на анексот врз основа на оригиналниот текст“. „Тоа треба да биде основата на нашите разговори во Охрид и ако успееме да постигнеме договор за овој анекс, тогаш работата е завршена“, рече Лајчак.
„Средбата во Охрид ќе се разликува од претходните, бидејќи ќе се фокусираме на дискусијата за Анексот за имплементација на неодамнешниот предлог на ЕУ, кој треба да доведе до далекусежна нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, напиша и Борел во текст на веб – страницата на службата за европска политика на ЕУ.
Во прогнозите е забележлив претпазлив оптимизам дали в сабота вечер учесниците ќе наздрават со шампањ во Охрид или ќе ги гаснат со вода вжештените глави на лидерите од Белград и Приштина. Во претседателската резиденција „Билјана“ се е подготвено за историската средба. Како логистичка помош е подготвена и премиерската вила која е на неколку чекори од претседателската. И во двата објекти се уште се шета духот на Рамковниот договор чии клаузули се скицираа токму на терасите на двете вили.
Дали и сега Охрид ќе стане синоним за решавање на еден повеќедецениски конфликт кој е рак рана на целиот Западен Балкан и кој ги спречува европските планери да трасираат подолгорочни цели за интегрирање на регионот во ЕУ? Прашање, што би рекол Маричиќ, за милион долари, на кое би сакал да има одговор и високиот комесар Жозеп Борел кому му падна задачата да го соопшти резултатот од средбата пред многубројните акредитирани новинари од земјава и од регионот.
Иако неформално важеше како трета страна во Кумановскиот договор во 1999, Косово беше територијата околу која се кршеа копјата и тогаш како и денеска. И тогаш преговорите беа крајно неизвесни и турбулентни.
„Се сеќавам кога се носеше Кумановскиот договор, кога претставници на меѓународни воени сили и КФОР преговараа на кумановскиот аеродром со српските воени претставници. Преговорите беа повеќедневни, како новинарски известувачи секојдневно бевме таму чекајќи да се договори конечниот текст на договорот. Тоа е она исчекување на значајната вест каква што може да биде објавувањето на крајот на конфликтот, крајот на бројните жртви, ранети, раселени, уништени домови… на сето она што може да го носи војната, а знаеме што се донесе таа на Косово и интервенција на НАТО во Србија. Оттаму како новинари го имавме и она престижно новинарско чувство дека сме сведоци на дел од историјата кога генералот на југословенската војска Светозар Марјановиќ, генералот на полицијата Обрад Стевановиќ и британскиот генерал Мајкл Џексон ја потпишаа спогодбата со сите нејзини одредби“, се потсетува денес Бранко Ѓорѓевски.
И од таа причина, како што додава, изборот на Охрид и на Македонија како локации на кои во иднина ќе се повикуваат сведоштвата и по кои ќе бидат „крстени“ евентуални договори.
Кога се во прашање договорите, иако спакуван како европски, нашата земја допрва треба да го финализира договорот со Бугарија кој ќе и даде постојано столче на преговарачката маса за членство во ЕУ. Договорот е тежок, но неопходен, а неговата најзначајна клаузула се уставните промени со кои Бугарите ќе влезат во Преамбулата на нашиот Устав. На Владата и останаа малку маневарски чекори за да осигура парламентарна поддршка за смена Уставот, и она на што сега може да се надева е среќа и кооперативност во последна минута од ВМРО-ДПМНЕ која, пак, ја има уникатната можност да го реши ова горливо прашање заедно со СДСМ наместо да остане да и виси над глава како потенцијална нова власт по изборите следната година.
Дали тоа е договорот што ќе го стави покривот на куќата, не знаеме. Но сега веќе македонската традиција на договарање и компромиси како начин за одење на напред, е воспоставена и ако високите гости в сабота во Охрид се разбудат мамурливи но среќни, тоа ќе биде уште еден знак дека освен вино на регионот и Европа ќе им извезуваме и мир, соживот и формула за компромиси.
„Мислам дека изборот Охрид да биде домаќин на Вучиќ, Курти и европските претставници е за од една страна да се надополни позитивна меѓународна приказна со постигнувањето на компромисни договори и, од друга страна, нејзиното значење добро да се разбере во целиот регион кој има уште проблеми за решавање и компромиси за постигнување на преговарачка маса. Можеби сето ова би можело да послужи и како елемент за ново ‘брендирање’ на Македонија, како земја која знае како да се сочува и договори мир“, вели и новинарот Ѓорѓевски.
Соња Крамарска / НоваТВ