Центар за претприемништво и креативност се отвори денеска на Економскиот факултет во Прилеп, Проектот, со вкупна вредност од 580.000 евра, доби 15% финансиска поддршка Министерството за локална самоуправа за спроведувачите – партнери во земјава.
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов го поздрави отворањето на Центарот и го истакна неговото значење за поттикнување иновативни идеи и создавање нови можности за личен и регионален развој. Тој ги охрабри сите носители на добри идеи да ги достават своите проекти за финансирање преку ИПА инструментот на Европската Унија.
„Центарот за претприемништво и креативност е одличен пример за тоа како институциите, универзитетите, граѓанските организации и општините можат да соработуваат за да создадат нови можности за личен и регионален развој кај младите. Пелагонискиот плански регион се соочува со значителни демографски предизвици, а проектите како овој ги поттикнуваат и мотивираат младите претприемачи да започнат сопствен бизнис, со што се создаваат и подобри развојни можности за регионот. ИПА Програмата за прекугранична соработка е одлична платформа за реализација на заеднички проекти со партнери од соседните земји и ги охрабрувам сите иматели на добри идеи да подготват и да ги достават своите проекти за финансирање преку програмата. Уверен сум дека искуствата на партнерите од Грција, како и од академската заедница во земјава, ќе бидат вредни за постигнување позитивни резултати за Центарот за претприемништво и креативност. Овој проект претставува значаен чекор кон подобрување на условите за живот и стимулирање на севкупниот развој на регионот”, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.
На настанот говореа проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола, проф. д-р Драгица Оџаклиеска деканка на Економскиот факултет – Прилеп, Виктор Митевски, претседател на здружението за истражување и анализи ЗМАИ. Тие имаа и дебата за улогата на претприемништвото и циркуларната економија во развојот на Пелагонискиот регион како и за добрите европски и регионални практики.