Украина денес се наоѓа во 399-от ден војна, откако Русија изврши инвазија врз земјата.
Ова се главните теми кои го одбележаа денешниот ден.
Изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија има намера да распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија сигнализира дека рускиот лидер не ги добил посакуваните гаранции за време на неговата средба со кинескиот претседател Си Џинпинг во Москва, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за Асошиетед прес.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски го повтори барањето на Кијив за помодерно оружје, посочувајќи дека некои елементи испорачани од западните земји, не функционирале.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека целта на Владимир Путин е да го избрише идентитетот на Украина како независна, суверена нација и да го апсорбира во Русија.
Олимпискиот шампион во бокс Владимир Кличко од Украина изјави дека претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах им служи на руските интереси поради предлогот за повторен прием на спортисти од Русија и Белорусија на меѓународните спортски натпревари.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук ги повика Русите да не посвојуваат деца за кои рече дека биле „украдени“ во Украина за време на војната и депортирани во Русија.
Србија не е неутрална во однос на војната во Украина, точно е да е воено неутрална, но не и политички, изјави министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ и додаде дека Србија „постојано изразува поддршка за територијалниот интегритет на Украина“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати покана до кинескиот претседател Си Џинпинг да ја посети Украина.
Министерството за надворешни работи на Кина нема информации за можна средба меѓу претседателот на Украина Володимир Зеленски и претседателот на Народна Република Кина Кси Џинпинг.
Русија не успеа во своите напори за „информатичко уништување“ на Украина, кои ги вложува истовремено со обидот за инвазија, а проруските напади се прелеаа и во европските земји, истакнуваат информатички експерти од групата Талес во денеска објавен извештај.
САД се залагаат за формирање на специјален суд за руското „злосторство агресија“ против Украина, кое ќе биде „вкоренето во украинскиот правосуден систем“.
Првиот човек на Агенцијата на ОН за атомска енергија, Рафаел Гроси, денеска тргна во посета на нуклеарната централа Запорожје, во југоисточна Украина, која со месеци наназад е окупирана од руските сили.
Шпанија има намера да ги испрати првите шест главни борбени тенкови Леопард 2А4 во Украина по Велигден за да му помогне на Кијив да се спротивстави на руската инвазија, пишува весникот Ел Паис, кој се повикува на извори од шпанската влада.