Министерството за труд и социјална политика како дел од кампањата „Гласна и храбра”, посветувајќи го месец март на менталното здравје и благосостојбата на жената како предуслов за родова еднаквост организира дводневна Регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ”, – Гласно и храбро ги поместуваме границите.
На вториот ден од конференцијата се обратија околу 20 панелисти, претставници на институции, од земјата и регионот, амбасадори, бизнис секторот, како и претставници на невладини и меѓународни организации, експерти од областа на родовата еднаквост и комуниколози.
Заменик претседателот на Владата за економски прашања , Фатмир Битиќи зборуваше за тоа дека на жените не им треба охрабрување и посочи: „Вие веќе сте храбри, не ви треба заштита, вие не сте жртви, не треба да ви се даде шанса, вие сами ја земате. Вам жените не ви требам јас или било кој друг да ви каже кои сте, што можете и колку вредите. Вам жените ви требам јас и сите како мене, ослободен од моите генерациски натрупани предрасуди и очекувања. И ова е процес и пат на кој сите ќе мораме одново да научиме. Горд сум што системските закони за заштита од дискриминација, истанбулската конвенција, правичната застапеност, родово сензитивни политики и правото на еднакво вреднување на трудот се реализирани во нашата држава. И ова е факт. Но мораме да продолжиме да се бориме со сите овие пречки кои се реалност, но не и факти. Овие зборови ги кажувам јас, но искуствата се ваши, а јас ви ветувам дека секогаш ќе бидам вашиот глас. Гласен со вас и за вас ќе се борам да бидете на секоја маса каде што се носат одлуки, за вашата финансиска независност и еднаквост во домот,” порача Битиќи.