Пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Кога ќе фрлиш каменче во мирна вода се појавуваат кругови кои отпрвин се мали а потоа сѐ повеќе се шират зафаќајќи сѐ поголема површина. Интензитетот на круговите зависи од големината на фрлениот камен и силата која е употребена да се фрли тој камен.
Во претходните две колумни (Дебата како нужен лек и Лек и терапија ), ви пренесов писмо кое е дел од повеќе документи што полека се распространуваат преку социјалните мрежи и во директен контакт. Дали е тоа правилен пристап, а не јавен настап,тоа го оставам на авторите на материјалите, веројатно имаат причини за таквата стратегија. Нивното образложение е дека, познавајќи ја состојбата кај нас, многу повеќе ќе се постигне во ширењето на идејата ако таа не е персонализирана и ако некој има критика, нека ја критикува содржината, а не гласникот.
Искрено, мене тоа ми стои дека е логично расудување. Судејќи од одѕивот кои колумните го имаа, барем кај оние кои ме контактираа, заклучувам дека сепак сум ја постигнал својата цел – да почнат луѓето да размислуваат и да разговараат. Нешто што навистина ме изненади, е што никој не ме праша кој или кои се авторите. По сѐ изгледа, напишаното е поткрепено со вистина, а пред вистината и боговите молчат.
Првиот текст беше нумериран со 00, сега ви го претставувам текстот нумериран со 01.
01
Овие текстови не се насочени ПРОТИВ некој ниту ЗА некој лично.
Единствена цел е да се направи обид за промена на свеста кај граѓаните на Македонија, без оглед на партиската припадност, бидејќи проблемите се слични кај сите. Наведените примери се за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи авторите на текстовите, како членови на ВМРО-ДПМНЕ, најдобро ги познаваат приликите таму, но сите предлози можат и треба да се пресликаат кај сите партии, во форма соодветна за големината и карактерот на партијата.
Во Македонија кај сите партии е изразена автократијата овозможена од недемократските партиски акти – Статути, правилници… но и од вообичаената пракса партиските војници самите да ја стимулираат таа автократија. Вообичаено е раководната структура да има инсталирано свои послушници во сите органи на партијата кои се користат како бедем од внатрепартиски напади. Секој кој ќе се обиде, па макар тоа било и најдобронамерно, да критикува некоја одлука (или немање одлука) на „врвот“, бива пречекан од канонада удари од сите кои се „поддржувачи на раководството“. Ова, се разбира, придонесува многу партиски активисти кои размислуваат со своја глава да се повлечат во пасивност, или уште полошо, да се дистанцираат од партијата.
Конкретно, со содржината на овие текстови се запознаени многу поранешни и сегашни функционери – градоначалници, министри, директори, членови во партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ и досега нема НИТУ ЕДНО лице кое кажало дека предлозите не се добри и дека такви реформи, кога би се спровеле, би значеле препород на партијата и на државата.
Но, еден дел од нив веднаш следно што кажуваат е: сето тоа е добро, ама ајде ние да не брануваме многу сега, не ли гледате дека СДС е слабо, ВМРО ќе победи и ние ли баш да бидеме тие кои ќе бидеме против? После победата раководството ќе ни се одмаздува од позиција на власт. Подобро е да си бидеме со власта, па после ако има промени, ќе поддржуваме.
Друг дел кажуваат – знаеме дека овој не е добар, ајде кажете кој да биде нов лидер и ние да застанеме зад него и да му помогнеме да ја преземе партијата, а после тој новиот нека менува што сака. Е овие вторите се многу опасни! За нив е сеедно кој е лидер, се додека тие се блиску до него и можат да му кажат дека баш тие го поддржале. Сите сонуваат повторно да се најдат на партиските кадровски листи и затоа на сегашното раководство му е многу лесно да ги манипулира со ветувања за позиции.
Трет дел, веќе одамна демотивирани, едноставно кажуваат дека заради претходните две групи, а и заради оние кои веќе се закачени на партиското виме, тешко дека ќе успее таква акција и затоа сакаат да си останат пасивни.
Само што сите заедно испуштаат по нешто од предвид.
Оние кои се во структурите на партијата и ги блокираат промените од внатре, колку и да мислат дека се способни да го носат товарот од одговорноста, нивните плеќи се слаби, ќе потклекнат и целиот товар ќе им се сруши врз глава. Потребни се посилни, многу посилни личности, со многу повеќе знаење, искуство и карактерни квалитети отколку нивните. И да победат и да изгубат на следните избори, мора да знаат дека ВМРО е многу повеќе отколку група на себе-селектирани квази-партијци. Подобро е да бидеш на клупа и повремено да играш во шампионски тим отколку да си првотимец во четврта лига. Нормално, ако цел ти е успехот на тимот, а за тоа се бориме, нели?
Останатите, тие што не сакаат да „брануваат“ или тие што чекаат да падне лидер од небо и да ги поведе со себе до ново заземање функции и позиции, треба да знаат дека, ако чекаат нешто од партијата после добивање на власта, ќе останат со празни раце, барем 99% од нив. Нека се потсетат дека партијата согласно сегашната поставеност не функционира така. Како ќе бидат заобиколени сегашните функционери во партијата кога секојдневно се сликаат со лидерот и беспоговорно ги следат сите негови насоки, па дури и кога водат во слепи улици? Друго, кога некаде во комплет биле вратени старите кадри?
А од друга страна, нека размислат кој и како ќе одлучува за тоа кои ќе бидат кандидати за пратеници и идни функционери?
Мора сите да си признаеме дека партијата е системски заробена. Не е толку проблемот до лидерот колку до организационата поставеност која го прави неприкосновен. Внатрепартискиот авторитет на лидерот произлегува од актите на партијата, без оглед на неговиот личен капацитет. Состојбата во која претседателот може да ги поставува (не избира, избира е погрешен збор во случајов) сите во партијата, секој иден претседател ќе го доведе во искушение да практикува автократија и да не е свесен кога прави грешка, бидејќи околу него нема кој да му каже дека греши. Токму затоа досега се направени безброј грешки кои сите се мачат да ги претстават како успеси. Многу лошо е кога не знаеш, а не знаеш дека не знаеш… Тогаш дури си арогантен во презентирањето на сопственото незнаење.
Дали има време за промени? ИМА!
Изборите, колку да се обидува ВМРО-ДПМНЕ да предизвика да бидат порано, најверојатно ќе бидат во средината на 2024-та. Ако во Статутот се направи внесување на одредби за демократизација во мај, конституирањето на новите партиски органи и избор на претседатели на ОК од страна на базата, а со тоа формирањето на нов ЦК, може да се заврши до септември. Низ процесот на внатрепартиски избори ќе дојде до потполно обединување на целото членство затоа што обединувањето ќе биде околу ИДЕЈА и системска промена, не околу личност која никогаш не би била прифатена од сите, од кој и да биде предложена. Новиот ЦК може да организира нов Конгрес, со нови, демократски избрани делегати, кој би се одржал до крајот на годината. Значи, до крајот на годината може ВМРО-ДПМНЕ да биде потполно обновена, обединета и со претседател кој е демократски избран, подготвена да победи на следните избори. Ако сегашниот претседател навистина има висок рејтинг во партијата, може повторно да биде избран, но зад него повеќе нема да има војска на послушници-клиенти туку одговорни луѓе кои ќе ја оценуваат и насочуваат , со личен авторитет, интегритет и капацитет, ќе биде прифатена и поддржана од сите. Таква партија нема да се плаши да донесува храбри и мудри одлуки, бидејќи в моментов на Македонија и е потребна и храброст и мудрост.
Вистинскиот проблем на Македонија е што најдобрите кадри се далеку од позиција да одлучуваат за доброто на државата. Преку вака поставени партии, ниту можат ниту сакаат да учествуваат во политиката. Затоа, ако сите бидеме игнорантни, ќе тонеме се повеќе и повеќе. И нема никој да ни биде виновни, самите ќе бидеме! Дали сте сигурни дека треба немо да се гледа како пропаѓа македонското општество и сите да учествуваме во забрзувањето на тој процес.
Круговите се шират и полека ја губат својата сила.Некој ќе фрли ново каменче и повторно ќе ја разбранува водата. И на крај некој силно ќе фрли голем камен кој толку ќе ја разбранува водата што ќе ги однесе и престилките на кои се полегнати гледачите во морната шир а богами често знае и добро да ги наводене и нозете и скапата тоалета.