Собраниската седница за предвремена ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО е во знакот на сино белата боја. Масата пред собранискиот спикер Талат Џафери на свечената седница ја красеше голема икебана со цвеќиња во НАТО боите, пишува Слободен печат.
Со 114 гласови беше усвоен дневниот ред со единствена точка на дневниот ред Предлог законот за ратификација на северноатлантскиот договор. На свечената седница прв се обрати шефот на државата Стево Пендаровски.
– Пред 27 години првиот парламентарен состав донесе стратешка одлука за членство во НАТО. Се менуваа составите на парламентите, влади, поминавме низ воен конфликт, економски кризи, но нашите стратешки приоритети за членство во ЕУ и НАТО останаа нашиот главен приоритет. Членството во најмоќниот сојуз е привилегија, но и огромна обврска. Сега кога и кога формално ќе станеме 30-та членка ќе бидат и обврските поголеми, на внатрешен план да продолжиме на подобрување на животниот стандард на граѓаните – рече Пендаровски.
Тој додаде дека членството во НАТО немаше да биде возможно без длабоките промени кои се случија во изминатата година.
– Компромисите кои ги направивме не беа едноставни, но факт е дека договорот за решавање на името со Грција и со Бугарија се клучни одлуки, нивното доследно почитување е единствениот пат. Сметам дека чекор во заокружување на македонската државност и печат на нашиот суверенитет и интегритет – рече Пендаровски.