На 107-та позиција во светот според индексот за слободата на медиумите се најде Грција во извештајот за 2023 година на Репортери без граници и е најлошо позиционирана, како на Балканот, така и во Европа, со исклучок на Турција, јави дописничката на МИА од Атина.
Минатата година Грција беше една позиција пониско, меѓутоа, оваа година поените што ги добива се за 0,3 помалку од лани.
-Слободата на медиумите во Грција претрпе сериозни уназадувања меѓу 2021 и 2023 година, вклучително со скандалот со прислушувањето кој откри дека Националната разузнавачка служба (ЕИП) шпионирала неколку новинари, пишува во извештајот за Грција, а споменато е и убиството на новинарот Јоргос Карајваз пред две години.
Грција е на последното место од земјите од Европската Унија, додека пак во регионот е на претпоследното место пред Турција, а Северна Македонија е најдобро рангирана на 38-та позиција.