Пишува: АЦО ЛУКАРОСКИ
Му се ‘пофалив’ на син ми дека Македонија на листата на држави за слободни медиуми, од 118. место во 2016 година, со власта предводена од СДСМ, оваа година стигнала до 38. место. Тој на тоа ми вели: „Не е тоа за радување за држава како Македонија. Таквиот ‘успех’ ѝ оди во прилог само на опозицијата“.
Не му контрирав, бидејќи знам дека ‘he has a point’.
Отворив да видам каде сме биле на листите во 2006/2007 година, кога ВМРО со Груевски дојдоа на власт. И видов дека сме биле пласирани дури и подобро од ова сега. Сме биле на 36. место. Како резултат на таквата ‘демократија’ ВМРО си дојде на власт и се случи тоа што се случи.
Слично како и со судството. Ми текнува дека еден вмровец на еден политички форум, отприлика во 2005. или 2006. година, напиша ваков пост: „ВМРО мора да се меша во судството за да го направи независно“. Му се смеевме сите на тоа што тој тогаш го напиша, ама ВМРО ги засука ракавите и судството го направи „независно“. Со помош на тефтерот на Гоца. Последиците уште ги трпиме. И по толку години, судството остана рак-рана на македонското општество.
Зоран Заев одлучи судството САМО да се реформира. И остави медиумите САМИ да се грижат за објективно информирање. За жал, на Заев и неговите соработници не им текна дека такво нешто не е можно во држава со толку многу луѓе ‘испрскани со алуминиум’. Тоа е, според мене, единствената голема грешка што ја направи Заев. Последиците допрва ќе ги чувствуваме. Тоа што на Скопје сега му се случува со Данела е ‘мачкина кашлица’ во однос на тоа што на Македонија ќе ѝ се случува со Мицкоски, Апасиев и неизбежниот Ахмети.
Со напомена дека прашање е дали и кога повторно ќе се појави некој нов Заев, за повторно да ја спасува Македонија.