„Нашата Влада деновиве е домаќин на работни средби за имплементација на проектите од иницијативата Отворен Балкан – на отворањето на настанот испратив порака дека оваа соработка и олеснета комуникација на Западен Балкан, мораме да ја искористиме во приближувањето кон Европската Унија. Отворен Балкан е најдобар поттикнувач на европската интеграција на регионот, со конкретни придобивки за граѓаните“, објави на Фејсбук вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Тој нагласи дека „треба да бидеме горди на сите службеници, институции, компании и граѓани кои се вложуваат за реализација на проектите за зелените ленти на границите, за иницијативата за интероперабилност на патарините, за иницијативата за заедничко привлекување инвестиции, за слободниот пристап до пазарот на трудот, како и за младинските иницијативи“.
„Свесни се и граѓаните за придобивките и бараат побрзо спроведување на мерките и економски иницијативи кои ќе обезбедат подобри врски меѓу нашите народи и подобар економски стандард.
Ние тоа го обезбедуваме заедно со нашите партнери од Србија и Албанија“, потенцира Маричиќ.