Политичките партии се суверени; секоја има свои сопствени убедувања и сосема е легитимно партиите да ги имаат во предвид убедувањата на своите избирачи. Мислам дека ако се придржуваме до конкретната содржина на различните текстови што беа преговарани, а потоа и на оние за кои треба да се преговара во иднина, секој ќе биде во можност подобро да разбере за што станува збор. Мојата препорака е да бидете прагматични; да се придржувате до фактите, до она што е конкретно напишано, и на крајот, да размислувате за конкретните последици од идните одлуки, а не за претпоставки, вели во интервју за „Локално“ францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер за предвидените уставни измени кои треба да го продолжат европскиот пат на државата.
Во однос на отпорот во македонската јавност за она што го добивме како европски предлог за старт на преговорите со ЕУ, Бомгартнер вели дека многу луѓе имаат мислење за овој предлог, но на крајот на краиштата прашува, колкумина од нив се сигурни дека го разбрале целосно неговото значење.
-Има еден француски израз кој вели: „Не треба од дрвото да не се гледа шумата“. Двете први заслуги на ова решение се, од една страна, фактот дека го отвори патот кон европската интеграција на земјата што беше блокиран повеќе од 15 години, а од друга страна, дека го почитува македонскиот идентитет за што сведочи неодамнешното потпишување на Спогодбата со Фронтекс, вклучително и македонската верзија, рече Бомгартнер.
Во однос на тоа дали Франција гарантира дека ќе запрат бугарските барања за нашата земја, францускиот амабсадор истакнува дека од почетокот на минатата година, има уште посилна волја за политиката на проширување од страна на целата Европска унија, нејзините институции и државите-членки.
-Затоа, често слушате за актуелниот европски моментум. Во овие тешки времиња низ кои минуваме, постои историска можност што треба да се искористи, а тоа се однесува на вашата земја, која направи многу напори во текот на изминатите години и денес се наоѓа во една навистина завидна позиција во поглед на усогласеноста со европското законодавство, порачува францускиот амбасадор.
Целото интервју на следниот линк!