Екипи на ЈП „Улици и патишта“, по налог на Град Скопје, од денеска почнуваат со чистење на езерцата и каналите во Градскиот парк, што ќе се одвива во неколку фази.
– Согласно Програмата за одржување на коритото на река Вардар, нејзините притоки, отворените канали, езерца и канали во Градскиот парк, по налог на Град Скопје екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ започнуваат со активностите за комплетно чистење на каналите и езерцата во првиот и во вториот дел од Градскиот парк, кои не се чистени околу пет години. Подготвителните активности за чистење на езерцата веќе се во тек, а екипите од понеделник ќе ги отпочнат активностите за чистење кои ќе се одвиваат во неколку фази, информираат од ЈП „Улици и патишта“.
Во првата фаза се стопира дотокот на вода и се заловува и згрижува рибниот фонд во соодветни услови за чување се до негово повторно враќање.
– Со пумпи се вади останатата количина на вода во езерата и се суши површината, по што во втората фаза следува машинско чистење на езерцата од лисја, отпадоци, мил и наноси од земја. Се чисти и каналот по кој тече вода во езерскиот систем во паркот по што во завршната фаза се полнат езерата, објаснуваат од јавното претпријатие.