Иран и Русија „ја зајакнуваат својата воена соработка без преседан“, изјави вечерва портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, додавајќи дека Москва сака да набави помодерни ирански беспилотни летала, објавија американските медиуми.
Ги користиме алатките што ни се на располагање за да ги откриеме и попречиме овие активности и подготвени сме да направиме повеќе, истакна Кирби, нагласувајќи дека САД ќе објават нови санкции во наредните денови против оние кои се вклучени во овие трансакции меѓу двете земји.
Според него, станува збор за воено партнерство меѓу Иран и Русија кое е штетно за Украина, Блискиот Исток и меѓународната заедница.
Контактите меѓу Иран и Русија во врска со продажбата на оружје, особено посовремени беспилотни летала, продолжуваат, истакна Кирби.
Тој изјави дека Иран од август испорачал повеќе од 400 беспилотни летала во Русија, главно од типот „Шахед“.
Г. Т.