Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека ситуацијата во нуклеарната централа Запорижја во Украина е „исклучително чувствителна“, откако таа неколку часа беше без надворешно напојување со електрична енергија, се наведува во соопштението објавено денеска на веб-страницата на агенцијата.
Откако најголемата нуклеарна централа во Европа денеска со часови работеше на дизел генератори за вонредни ситуации, бидејќи по седми пат од почетокот на руската инвазија остана без надворешно напојување со струја, Гроси истакна дека тоа е уште еден потсетник за тоа што е удел во окупираната електрана.
Мораме да се согласиме да ја заштитиме електраната сега, оваа ситуација не може да продолжи, рече Гроси, повторно апелирајќи дека не треба да има борби меѓу украинските и руските сили во таа област.
Персонал на МААЕ е стациониран во електраната, која беше заземена од руските сили.
Иако шесте нуклеарни реактори на централата, дополнително заштитени од оштетување од заталкани гранати или ракети, се исклучени, прекинот на електричната енергија може да ги оневозможи системите за ладење кои се клучни за безбедноста на реакторите, дури и кога тие се исклучени.
Дизел генераторите за вонредни ситуации, за кои властите велат дека можат 10 дена да ја одржат централата функционална, не се целосно сигурни.
Вооружените борби околу електраната, особено артилерискиот оган, ги поттикнаа стравувањата дека може да се случи катастрофа како онаа во Чернобил во 1986 година, исто така на територијата на Украина. Тогаш, поради експлозија на реакторот, радијацијата контаминираше огромна област.
Г. Т.